• петок, 13 март 2026

Со иницијативата WiFi4WB обезбеден бесплатен јавен интернет во 64 општини во државата, првата мрежа во општина Кочани

Со иницијативата WiFi4WB обезбеден бесплатен јавен интернет во 64 општини во државата, првата мрежа во општина Кочани

Кочани, 19 февруари 2026 (МИА) - Во Општина Кочани денеска официјално беше промовирана иницијативата WiFi4WB (WiFi за Западен Балкан) во Северна Македонија, со што почна поставувањето бесплатни јавни вај-фај мрежи во 64 општини на 69 локации во земјата. Церемонијата се одржа во Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани, каде што е поставена една од првите инсталирани мрежи како дел од координираната серија промотивни настани што се одржуваат во Западен Балкан.

Иницијативата WiFi4WB е дел од проектот EU4Digital, кофинансиран од Европската Унија и владата на Сојузна Република Германија, а имплементиран од ГИЗ. Инспирирана од програмата WiFi4EU, преку која веќе е обезбеден бесплатен интернет-пристап за повеќе од 7.000 заедници во Европа, иницијативата ќе им овозможи на граѓаните и на посетителите бесплатен вај-фај пристап во јавни простори, како плоштади, паркови, библиотеки, училишта и културни институции во Северна Македонија и регионот.

null

Како дел од планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, иницијативата придонесува кон унапредување на дигиталната поврзаност и регионалната интеграција, при што поддршката од ЕУ и Сојузна Република Германија им обезбедува на општините учеснички сеопфатен пакет, што опфаќа опрема, инсталација, поврзување и одржување на вај-фај мрежите за определен период обезбедувајќи и непосреден ефект и долгорочна одржливост. 

Телекомуникацискиот оператор „Македонски телеком“ беше избран преку јавен тендер за имплементација и одржување на вај-фај инфраструктурата, како и за обезбедување бесплатни интернет-услуги на избраните јавни локации во Северна Македонија.

Отворајќи го настанот, градоначалникот на Кочани, Владко Грозданов, ја истакна важноста на дигиталната поврзаност за локалните заедници нагласувајќи дека дигиталната поврзаност е предуслов за современ и инклузивен локален развој. Заблагодарувајќи се на сите фактори за имплементацијата на бесплатен јавен интернет во Кочани, Грозданов додаде дека проектот го унапредува пристапот до дигитални услуги, образование и јавни информации и им овозможува на граѓаните и на посетителите лесна поврзаност.

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски во обраќањето пред присутните истакна дека со иницијативата WiFi4WB обезбедуваме бесплатен јавен интернет во повеќе од 60 општини во државата.

-Тоа значи бесплатен интернет-пристап на јавни простори - плоштади, паркови, библиотеки, училишта и културни институции, каде што граѓаните најмногу имаат потреба од поврзаност. Ова не е само удобност, ова е алатка за еднакви можности, за полесен пристап до дигитални услуги и информации, за помош на локалните бизниси и подобро искуство за посетители и најважно - за намалување на дигиталниот јаз и поголема социјална вклученост - истакна Андоновски.

Вршителот на должност шеф на Делегацијата на Европската Унија, Бен Нупнау, го поздрави почнувањето на иницијативата WiFi4WB и нејзината улога во рамките на поширокиот план за раст на ЕУ за Западен Балкан истакнувајќи дека Европската Унија инвестира во практични решенија што имаат реално значење за секојдневниот живот на луѓето.

- Со WiFi4WB, нудиме бесплатен и сигурен интернет пристап на плоштадите, во библиотеките и јавните простори низ Северна Македонија. Ова е дел од нашата поширока посветеност за унапредување на поврзаноста, поддршка на локалните економии и обезбедување целосна вклученост на заедниците од регионот во дигиталната иднина на Европа - рече Нупнау.

Заменик амбасадорот на Сојузна Република Германија во земјава, Јан-Аксел Фос, ја нагласи важноста на еднаков пристап до дигитални услуги за сите граѓани, посочувајќи дека бесплатниот интернет пристап во јавните простори помага да се обезбеди дигиталните можности и информации да стигнуваат до сите, особено до младите, претприемачите и ранливите групи. 

На настанот беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу ГИЗ и Општина Кочани, со кој се формализира соработката за инсталација, функционирање и долгорочно одржување на мрежата WiFi4WB. По тој повод, директорот на ГИЗ за Северна Македонија, Давид Оберхубер ја истакна регионалната важност на иницијативата и нејзиниот одржлив модел на имплементација.

Иницијативата WiFi4WB има за цел да го унапреди пристапот до дигитални услуги, образование и јавни информации, како и да ги поддржи малите бизниси, да го подобри искуството на посетителите и да го зајакне локалниот туризам. Со обезбедување бесплатен и сигурен интернет пристап во јавните простори, иницијативата придонесува и кон социјална инклузија и намалување на дигиталниот јаз. ис/вг/

фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан