• вторник, 07 април 2026

Сиљановска-Давкова: Климатските ризици бараат координиран институционален одговор и јасно дефинирани политики

Сиљановска-Давкова: Климатските ризици бараат координиран институционален одговор и јасно дефинирани политики

Скопје, 7 април 2026 (МИА) - Климатските промени не се процес што се адаптира на нашите рокови или на нашата подготвеност. Тие се одвиваат со сопствена динамика, па затоа одговорот не може да биде одложен, ниту фрагментиран, туку бара координирано дејствување засновано на знаење, соработка и јасна свест за заедничката одговорност - истакна претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на денешниот настан „Климатски промени - ризици и предизвици“, организиран на нејзина иницијатива.

Пред аудиториумот во Скопје, претседателката Сиљановска-Давкова порача дека мора да научиме да живееме во хармонија со природата бидејќи, како што рече, природата не се приспособува на нас, туку ние треба да се приспособиме на неа ако сакаме да опстанеме.

null

- Денес, кога зборуваме за климатските промени, не зборуваме за нешто далечно и апстрактно, туку за реалност што секојдневно ја живееме. Многу децении климатските промени ги доживувавме како предупредување, а природата како неисцрпен ресурс, денес веќе ги живееме како последица, тука, околу нас, не само како промена во природните циклуси, туку како директен притисок врз секојдневниот живот и економијата. Во последните години екстремните временски и климатски настани предизвикаа значајни економски штети и загуби на ресурси, што директно се одразува врз развојните можности. Климатските ризици бараат координиран институционален одговор и јасно дефинирани политики - истакна Сиљановска-Давкова.

null

Во своето обраќање претседателката Сиљановска-Давкова потсети дека во земјата нашиот Устав ги препознава заштитата и унапредувањето на животната средина и природата како темелна вредност на уставниот поредок, но потребна е промена во начинот на размислување.

- Ризиците од климатските промени директно влијаат врз функционирањето на општеството и институциите. Иако оваа вредност е уставна материја, сè уште го чекаме законот за климатска акција. Згора на тоа, далеку сме од соодветно почитување на Законот за заштита на природата и животната средина. Потребна е промена во начинот на кој размислуваме, планираме и одлучуваме зашто долго време функциониравме реактивно, односно пост фестум, наместо превентивно, односно ex ante - нагласи претседателката Сиљановска-Давкова на настанот „Климатски промени - ризици и предизвици“.мт/са/

Фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан