• четврток, 25 декември 2025

Свечено затворена манифестацијата „Гевгелија-град на културата 2025“

Свечено затворена манифестацијата „Гевгелија-град на културата 2025“

Гевгелија, 22 декември 2025 (МИА) - Со свечен концерт на Камерниот оркестар „Ајга“ и настапот на Ана и Игор Дурловски синоќа во Народниот театар-Гевгелија официјално беше затворена манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“.

На затворањето приствуваше и министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, кој на неговата фексбук страница објави дека е заокружена годината исполнета со културни настани, уметнички изрази и силна креативна енергија во која Гевгелија беше активна сцена и вистински домаќин на културата.

-Честитки до градоначалникот на Општина Гевгелија, Андон Сарамандов, како и до сите институции, уметници и граѓани кои ја направија оваа година незаборавна. Како што спектакуларно започна со концертот на Националниот џез оркестар, така и достојно се затвора со концерт на Камерниот оркестар „Ајга“, заедно со маестралните Ана и Игор Дурловски. Гевгелија и понатаму зрачи со култура, со гостопримливост и со дух што ја прави гордост на Македонија, напиша министерот Љутков.

Камерниот оркестар „Ајга“ настапи под диригентската палка на Ана Спасовска, додека аранжманите и композиторската обработка на програмата се дело на Сони Петровски.

Како што информираа од Општината, свеченото затворање на манифестацијата симболично ја заокружува културната година во која Гевгелија се потврдила како значаен културен центар, со богата и разновидна програма што ја афирмирале уметноста, креативноста и националниот и локалниот културен идентитет. Концертот, пак, на Камерниот оркестар „Ајга“ претставувал достоен завршеток на оваа значајна културна приказна, оставајќи силен впечаток и трајна вредност за локалната и пошироката културна јавност.рт/вј/

Фото: фејсбук Зоран Љутков

Остани поврзан