„Светото светило“ нов роман од Мирче Нешовски
- „Светото светило“ е насловот на новиот роман од македонскиот поет и писател Мирче Нешовски, што излезе деновиве од печат во издание на книгоиздателството „Менора“ од Скопје. Рецензент на делото е поетот, есеист, критичар и преведувач Јовица Тасевски Етернијан кој ќе каже дека романот на Нешовски не внурнава во магичниот свет низ живототворната есенција по потрага на Светилото. Во романот од 348 страници се осветлува рафинираната раскажувачка структура. Овде „светилото е радост на живата енергија преку иницијација на вечната преобразба за ослободен и слободен човек во иманентните својства за слободниот свет“.
Скопје, 24 декември 2025 (МИА) - „Светото светило“ е насловот на новиот роман од македонскиот поет и писател Мирче Нешовски што излезе деновиве од печат во издание на книгоиздателството „Менора“ од Скопје.
Рецензент на делото е поетот, есеист, критичар и преведувач Јовица Тасевски Етернијан кој ќе каже дека романот на Нешовски не внурнава во магичниот свет низ живототворната есенција по потрага на Светилото. Во романот од 348 страници се осветлува рафинираната раскажувачка структура. Овде „светилото е радост на живата енергија преку иницијација на вечната преобразба за ослободен и слободен човек во иманентните својства за слободниот свет“.
-Низ магичниот реализам се отвора дилемата за повторен предизвик на профаниот свет. Живееме во светот на кој насуштно му е неоходна потребата за аларм за негово свето возобновување, презентирана преку „Светото Светило“, низ доблеста кон Светлото во самиот човек, во вјерују на Логосот - Зборот. „Побунетиот човек“ е само илустративен преглед кон насоката дека човекот треба да е слободен и ослободен од оковите, од сите прангии и профаности во овој немилосрден маханизам на земскиот свет. Човекот се претставува како бездомен самотник – скитник, Ѕвездочатец под отвореното небо, кој е на патот кон сознајбата и преобразбата низ Светото Светило кон вечниот Премин за вечноста, вели рецензентот Тасевски Етернијан.
Во романот, додава тој, провејува оптимистичката корелација, која ја има светата вистина за светот изразена во начелата на кодексот за префинететата содржина на бивстовото и неговото пледоаје за егзистенциумот низ бескрајно вечен Оган на Светото Светило. Се појавуваат прашања за општото единство на суштествувањето. Прашања за постулатот постоењето во Светлосниот принцип – во егзистирањето низ бескрајниот пат, а рефлексивната раскажувачка поставеност е градена врз јасните начела на нарацијата во рафинираната структура на романот во егзистенциумот како иманента компонента, вели Тасевски Етернијан.
Според него, авторот во романот не може да го замисли светот, ниту да се гледа без Светото Светило. Светот е јасно дефиниран како вечна борба против профаноста а кон кристализација за прероден и преобразен знак на светиот човек во секое суштество.
-Овде, несомнено првично е поставена линијата на есенцијата низ патниците, скитниците номади Ѕвездочатци... Чинејќи симболично- метафорична слика во самата суштина на тапија за опстојбата низ седумте небесни Божји печати. Тука, ни се дава блескавоста во нишката на просветлувањето низ „Светото Светило“ преку/ во вечната тема за смртноста и бесмртноста а со/ низ поглед во транцедентниот принцип на посветеност на Ѕвездочатците низ наративната линијата во корелациите изразени преку Бесмртникот, Бесмртниците и вечно бескрајната бесконечност на светоста во светлоста на Бесмртноста!, се наведува во рецензијата.
Тасевски Етернијан ќе подвлече дека „Светото Светило“ е роман кој се вбројува меѓу најзначајните прозни дела на Нешовски, автор кој е познат по својата постмодернистичка техника, каде се комбинира магичениот реализам, апсурдот и психолошката неизвесност.
-Романот: Истражува духовни и космогонијски теми, како што се светлината, душата и вечноста, се одликува со симболичен јазик и филозофски размислувања, вклучува паралелни светови, митолошки претстави и интуитивна драматичност и претставува духовна и психолошка потрага, типична за стилот во романот. „Светото Светило“ е дел од богатото книжевно творештво, кое се одликува со длабока духовна и филозофска илустрација. Познат ни е по своите постмодернистички пристапи, магичниот реализам и херменевтиката на паралелните светови. Духовната вистина не е информација – таа е препознавање. Таа не доаѓа преку учење , туку преку внатрешно будење. Во контекстот на „Светото Светило“ доаѓа преку јазикот на душата, духовната вистина е светлината, што не го осветлува патот, туку ја осветлува суштината, вели Тасевски Етернијан .
За Нешовски, посочува тој, духовната вистина претставува вистината што не се менува, не зависи од време, култура или мислење, туке таа е внатрешна константа. Тоа е вели вистина за која што не се зборува, туку вистина со која се живее, а таа се манифестира преку љубов, смирение, простување, присуство...Вистина што боли и ослободува: Кога ќе се препознаеш, таа те разголува, но и те исцелува.
За стилот на пишување и значењето на Нешовски, Тасевски Етернијан вели дека тој припаѓа на генерацијата македонски писатели кои ја интензивираат употребата на постмодернистички книжевни постапки, со фокус на филозофски и духовни теми. Неговото творештво често се занимава со апсурдот, метафизиката и мистиката, што го прави еден од уникатните гласови во македонската литература.
Во својот осврт за „Светото светило“, Бобан Богатиновски ќе потенцира дека романот на Нешовски не внурнава во апспстракната експресија во магичниот свет низ живототворната есенција по потрага на Светилото, во сферите на магичниот реализам, во кој ни се отвора дилемата за повторен предизвик на опстојбата, а главните ликови, пак, навлегуваат во патешествијата на сензациите. Овде, вели, несомнено првично е поставена линијата на есенцијата низ патниците, скитниците номади Ѕвездочатци...Просветлувањето низ „Светото Светило“ преку/ во вечната тема за смртноста и бесмртноста а со/ низ поглед во транцедентниот принцип на посветеност на Ѕвездочатците низ наративната линијата во корелациите изразени преку Бесмртникот, Бесмртниците и вечно бескрајната бесконечност
-Значењето на раскажувачката структура на Нешовски е употребата на постмодернистички книжевни постапки, со фокус на филозофски и духовни теми. Неговото творештво често се занимава со апсурдот, метафизиката и мистиката, што го прави еден уникатен автор, чиј израз има апстракна експесија. Апокалиптичната визија на откровенијата и сеприсутност во мигот на вечноста не потсетува на „Мајсторот и Маргарита“ кога летаат низ Москва. Централната оска на романот е структуиран токму на летањето, еквилибристиката и во суштинската симболика во линијата на летот кој е израз на слободата и ослободениот човек; човекот кој е птица во слободните пространства на духовните изохипси. Ова е очигледно кога некој пишува поинаква книга за светот, вселената и битието во корелациите на бесконечната вечност на опстојба на душата, која ја има кармата не само за метаморфоза или катарза туку за отворање на новите страници на вистината за невидливото кое невидливо можеме да го одгатнеме преку читањето на соѕвездијата и преку јасно отворање на тие скриени хемевтички станици во посулатите на постоењето. Расветлувањето на пример во разгорот со Блаже Конески и лорд Бајрон кој се појавува на средба и кои живо разговараат за живото вечно време, каде пијат лута македонска ракија и каде Бајрон зборува за „острата македонска сабја“, ќе каже за делото македонскиот поет и раскажувач Богатиновски.
Мирче Нешовски е роден на 29 ноември 1951 година во Скопје. Дипломирал на Филолошкиот факултет – на групата за Јужнословенска книжевност со македонски, словенечки и старословенски јазик. Автор е на 12 поетски книги, на три романа, раскази, на повеќе електронски извори и на повеќе тематски и стручни критики, од книжевната критика и есеистика, како и културолошки студии во областа на Социологија на уметноста и од библиотечните дејности.
Неговите поезија и проза е објавена и во електронски извори. За неговата поезија пишувале познати македонски автори, критичари и есеисти: академик Георги Старделов, академик Анте Поповски, Атанас Вангелов, академик Катица Ќулавкова, Науме Радически, Ефтим Клетников, Санде Стојчевски, Панде Манојлов, Илија Велев, Јовица Тасевски – Етернијан, Виолета Мартиновска, Џабир Ахмети, Иво Фербежар, Радомир Андриќ, Академик Сретен Перовиќ, академик Матеја Матевски и др., но секако е пишувано и надвор од Македонија, од италијански, руски, американски, англиски, француски, германски, црногорски, српски, словенечки, бугарски, албански критичари.
Автор е на три романи во кои ги опфаќа суштинските егзистенционални прашања за човековиот егзил и бегството на човекот од светските профаности, потецирано преку психолошко – филозофската димензија. Застапуван е во многубројни антологии, избори и панорами на македонската поезија во земјата и надвор.
Учествувал во многубројни студиски престои меѓу кои во 1993 во Ватикан каде ги истражувал книжевно-истрориските корелации помеѓу македонската и италијанската духовна заложба, како и трезорот на книги за македонските егзистенционални состојби.
За своето творештво добитник е на повеќе награди. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1994 година.
Во рамки на општествените ангажмани од 2006 до 2009 година бил прв претседател на Здружението на македонско-црногорското пријателство во Република Македонија, а од 2009 до денес е негов почесен претседател.
Нешковски од февруари 1972 до октомври 2016 година работеше во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски” во Скопје како библиотекар за селекција на библиотечен материјал и библиотекар за македонскиот задолжителен примерок (МЗП). вг/
Фото: МИА