• четврток, 25 декември 2025

Реконструиран кровот на градинката „Пеперутка 1“ во Драчево

Реконструиран кровот на градинката „Пеперутка 1“ во Драчево

Скопје, 25 декември 2025 (МИА) - Градоначалничката на општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска и заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, денеска беа во работна посета на објектот „Пеперутка 1“, во рамки на ЈДГ „8 Март“ во Драчево. Увид беше извршен во реализираните градежни зафати, со што значително се подобрува безбедноста и квалитетот на престојот во објектот, соопштија попладнево од локалната самоуправа.

- Имено, целосно е реконструиран кровот на градинката, при што е отстранет азбестниот материјал, што е прописно и безбедно депониран согласно сите важечки законски и безбедносни стандарди. Дополнително, се менуваат и олуците, а ќе биде поставен и громобран, појаснија од Општина Кисела Вода.

Во објектот моментално биле згрижени вкупно 100 деца, распределени во четири воспитни групи - две групи деца на возраст од две до три години и две групи деца на возраст од четири до пет години.

Според градоначалничката, подобрувањето на условите во градинките останува висок приоритет.

- Позитивниот ран детски развој е темелот врз што се гради иднината на секое дете, а наша обврска како локална самоуправа е да обезбедиме безбедни, здрави и современи услови и за најмладите, но и за вработените, кои секојдневно се грижат за нив. Овој објект и во минатото бил предмет на реконструктивни зафати, а ние ќе продолжиме континуирано да инвестираме во негово унапредување. Подобрувањето на условите во градинките е траен процес и останува висок приоритет во нашата работа. Посебно ме радува добрата соработка со Министерството за социјална политика, демографија и млади и со заменик-министерот Велковски, која очекувам да продолжи и во наредниот период, со заедничка цел, подобра грижа за децата и нивна посигурна иднина, се истакнува во пишаната изјава на градоначланичката на општина Кисела Вода, Стаменкоска Трајкоска. бд/вг/

Фото: Општина Кисела Вода

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан