• четврток, 25 декември 2025

Промовиран „Еко-иновациски хаб“ на Економскиот факултет – Прилеп: образование, иновации и циркуларна економија во пракса

Промовиран „Еко-иновациски хаб“ на Економскиот факултет – Прилеп: образование, иновации и циркуларна економија во пракса

Скопје, 18 декември 2025 (МИА) - Кога зборуваме за зелена транзиција, не зборуваме само за политики и стратегии, туку за знаење, вештини и луѓе. Ваквите хабови се места каде што младите не само што учат, туку создаваат решенија за иднината и стануваат активни носители на одржливи промени, изјави денеска заменик-министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска на завршниот настан на проектот „Еко-иновациски хаб“, кој се реализираше со поддршка на Министерството за животна средина и просторно планирање, а се одржа во просториите на Економскиот факултет во Прилеп. 

Во рамки на настанот, како што соопшти Министерството за животна средина и просторно планирање, беа презентирани резултатите од проектот, новоформираната лабораторија за еко-иновации, како и опремата и еко-производите изработени од студентите и наставниот кадар. „Еко-иновацискиот хаб“ претставува современ академски простор кој овозможува примена на принципите на циркуларната економија, 3D технологии и одржливи практики, преку целосен циклус – од селекција и рециклирање на пластика, до екструдирање филамент и 3D печатење.

Лашкоска истакна дека ваквите иницијативи имаат клучна улога во поврзувањето на образованието, иновациите и заштитата на животната средина, нагласувајќи ја важноста на практичната примена на знаењето и активното вклучување на младите во зелената транзиција.

Таа додаде дека поддршката за проектот „Еко-иновациски хаб“ е дел од заложбите на Министерството за развој на зелени вештини, примена на иновативни технологии и поттикнување на циркуларни бизнис модели, во согласност со европските политики и Европскиот зелен договор.

Посебно беше нагласена активната улога на студентите, кои преку работилници и практична работа учествуваа во развојот и изработката на еко-производи, стекнувајќи практични знаења и компетенции потребни за современиот пазар на труд, се додава во соопштението.

Со поздравни обраќања се обратијале и проф. д-р Моника Ангелоска-Дичовска и деканката на факултетот проф. д-р Татјана Спасеска, а настанот завршил со демонстративна сесија на процесите на рециклирање, екструдирање и 3D печатење, како и отворена дискусија за можностите за понатамошна соработка и развој на вакви иновативни академски иницијативи.

-Министерството за животна средина и просторно планирање останува посветен партнер во поддршката на проекти кои придонесуваат кон одржливо образование, иновации и приближување кон европските стандарди за зелена и циркуларна економија, се додава во соопштението. ац/вг/

Фото: МЖСПП

Остани поврзан