• среда, 01 април 2026

Претставници на Македонците учествуваа на средба во Корча посветена на самоидентификацијата на националните малцинства

Претставници на Македонците учествуваа на средба во Корча посветена на  самоидентификацијата на националните малцинства

Дебар, 31 март 2026 (МИА) - Во Корча се одржа информативна тркалезна маса со претставници на националните малцинства од Југоисточниот регион на Албанија, при што посебно внимание беше посветено на македонската заедница, како важен дел од ова подрачје, објави Општина Пустец, која територијално припаѓа во округот Корча. 
 
На средбата се дискутираше за значењето на слободната и точна само-идентификација на граѓаните кои припаѓаат на националните малцинства, како важен елемент за гарантирање на нивните права и за креирање по инклузивни јавни политики. 
 

-Градоначалникот на Општина Пустец, Пали Колефски, ја поздрави оваа иницијатива и го истакна целосниот ангажман на општината да биде блиску до граѓаните за време на процесот на самоизјаснување. Тој нагласи дека Општина Пустец ќе стави на располагање, и преку социјалните мрежи, сите потребни материјали за точно информирање и успешно финализирање на овој процес, стои во објавата. 
 
На оваа тркалезна маса учествуваа претставници на македонското малцинство, Марјана Костофски, претставник на македонското малцинство во Комитетот за национални малцинства, што е владин орган, како и Васил Стерјовски и Ефтим Митревски. 
 
Учествуваа претставници и на  другите малцинства во регионот, Власи, Египќани, Роми и други, заедно со претставници на јавни институции и организации од граѓанското општество. 
 
Настанот беше во организација од Министерството за внатрешни работи, во соработка со Комитетот за национални малцинства а со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Албанија и Советот на Европа. вт/ац/

Фото: Општина Пустец

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан