Ана Дукоска, претседателката на „Јас сум жена“ за МИА: Скромните жени, со својата ненаметлива добрина ми покажуваат што значи храброст
- „Инспирацијата за мене секогаш доаѓала од жените околу мене. Некои се видливи и препознатливи во јавноста, некои не. Но токму тие, скромните жени, со својата ненаметлива добрина ми покажуваат што значи вистинска храброст. Се стремам да бидам меѓу луѓе кои носат светлина дури и во најтемните моменти, кои со својата човечност и топлина го менуваат секојдневието. Тие ме потсетуваат дека инспирацијата не мора да биде гласна, понекогаш најмоќна е токму онаа што се чувствува, а не се гледа. Жените денес, не бараат привилегии, туку рамноправност; не бараат охрабрување, туку можност нивната сила и мудрост да бидат препознаени и почитувани“, вели Ана Дукоска, претседателка и основачка на здружението за вмрежување успешни жени, едуцирање и истражување.
Скопје, 19 април 2026, (МИА)
Бранка Д. Најдовска
Ана Дукоска е инспиративна личност во секој поглед, комуникативна, љубезна и со разбирање за сопственото опкружување. Така што, воопшто не изненадува што оваа млада жена е претседателка и основачка на здружението за вмрежување успешни жени, едуцирање и истражување „Јас сум жена “ и основачка на меѓународната мрежа „Мајките за слободата“.
Целта на „Јас сум жена“, како и намерите на Дукоска е да се стигне до жени во сите сфери на општеството, низ нивните примери да ја осознае положбата на жената, со кои предизвици и проблеми се соочува на секојдневна основа и да изнајде идејни решенија за нивно надминување. Создадена од жена за жена, „Јас сум жена“, организира настани и нуди програми, проекти, работилници, предавања на домашни и странски експерти на сите теми од интерес на една жена, со аспирации и амбиции да биде пред сè независна, финансиски стабилна, образована и опремена со сите вештини и квалитети за да биде суштински фактор во општеството, кој ќе ги донесе потребните промени и ќе создаде повеќе можности за идните генерации.
Со Дукоска, помуабетивме околу вредностите, не што ја прават жената – жена туку, човекот – човек.

Кога ќе се тргнат јавните улоги и титули по кои сте препознатлива, која е Ана приватно?
- Јас сум пред сè човек кој ја цени тишината и блискоста со семејството. Приватно сум ќерка, сестра, тетка, внука, партнерка и пријателка, улоги што секојдневно ме потсетуваат дека животот е најубав кога е споделен со луѓето кои ги сакаш. Едноставна сум: сакам време поминато со семејството, со пријателите и моменти во кои можам да бидам само јас, без очекувања и етикети. Не би рекла дека има некоја драстична разлика од тоа која сум приватно и која сум во јавноста, но важно е да се знае дека зад секој јавен лик стои човек со чувства, човек кој се смее и тагува, кој може да биде ранлив и кој понекогаш се соочува со предизвици за кои избира да не зборува јавно и тоа треба секој да го почитува.
Кога зборувате за вредности, што конкретно значи тоа во секојдневниот живот?
- Вредностите за мене значат да останеш човек, без разлика на улогата или титулата што ја носиш. Искреност, лојалност, почит, емпатија, одговорност – дури и во најобичните работи. Секој гест и секој збор оставаат трага. Вредностите се огледало на тоа како градиме доверба и како ја негуваме човечноста во секојдневието.
Што мислите дека им недостига на жените денес? Поддршка, самодоверба или простор да бидат слушнати?
- Не им недостига самодоверба, веќе ја имаат. Она што недостига е општеството да им дозволи да ги живеат своите вредности без ограничувања и предрасуди. Жените не бараат привилегии, туку рамноправност; не бараат охрабрување, туку можност нивната сила и мудрост да бидат препознаени и почитувани.
Кој момент во животот ве натера да кажете: „Сега морам јавно да се ангажирам“?
- Оној кога сфатив дека тишината не е опција. Кога гледаш неправда, кога гледаш како луѓето се борат со предизвици што можат да се надминат ако се крене глас, тогаш доаѓа свеста дека твојата одговорност е поголема од твојата удобност.
Всушност, тоа не беше еден единствен ден или настан, туку процес на зреење, секој пат кога ќе видев дека некој е обесхрабрен, секој пат кога ќе почувствував дека можам да помогнам, секој пат кога ќе сфатев дека мојот збор може да донесе промена. За мене тоа беше повик на совеста, да бидам глас за оние што немаат можност да бидат чуени, да бидам дел од решението, а не само набљудувач. И од тој момент, секој мој чекор е воден од вербата дека ангажманот е патот кон подобро општество.
Колку е тешко да се биде гласна жена во општество кое често очекува жените да бидат „пријатни“?
- Да се биде гласна жена во општество кое често очекува жените да бидат „пријатни“ е предизвик што бара храброст и истрајност. Тешко е затоа што секој збор, секој став и секоја реакција се ставаат под лупа и многу често се оценуваат построго отколку кај мажите. Но токму во таа тежина се крие и силата: да не се прилагодиш на очекувањата, туку да ја задржиш автентичноста и да го кажеш она што го мислиш, дури и кога не им се допаѓа на другите.
Да бидеш гласна жена значи да ја носиш одговорноста дека твојот збор може да инспирира, да отвори пат за други и да покаже дека „пријатноста“ не е единствената улога што општеството треба да ја додели на жените. Тоа е борба за право на глас, но и за право на целосно човечко постоење, со сила, со ранливост, со став и со љубопитност.
Кога сфативте дека „Јас Сум Жена“ веќе не е само идеја, туку заедница?
- Во моментот кога жените почнаа да се препознаваат една со друга во нашите настани. Тогаш сфатив дека не станува збор само за платформа или иницијатива, туку за живо ткиво составено од искрени разговори, поддршка и солидарност.
Кога видов како една жена охрабрува друга, како се создаваат пријателства и како секоја споделена приказна станува инспирација за некој друг, тогаш знаев дека „Јас Сум Жена“ е повеќе од идеја или визија на една личност, туку пулс на многу жени и енергија што расте и инспирира.
Има ли разговор со некоја жена од вашите настани што никогаш нема да го заборавите?
- Никогаш нема да го заборавам излагањето на Ирена Чакареска – мајка на пет деца и просветен работник, која на четвртата „Глобална женска лидерска конференција“ рече: „Најважните вредности што треба да им ги пренесеме на младите се љубовта кон Бога, кон ближните и кон татковината.“ Целосно се согласувам со тоа, затоа што токму преку пренесување на овие вредности ние ја градиме иднината, без притоа да ги заборавиме нашите корени и нашиот идентитет. Тоа е всушност и суштината на нашата парола „Биди инспирација за следната генерација“ бидејќи секоја жена од нашата платформа, има моќ да остави трага и да биде пример кој ќе ги охрабри младите да веруваат, да сакаат и да создаваат подобро општество.
Постои ли жена која ја сметате за ваша тивка инспирација, а никој не ја знае?
- Инспирацијата за мене секогаш доаѓала од жените околу мене. Некои се видливи и препознатливи во јавноста, некои не. Но токму тие, скромните жени, со својата ненаметлива добрина ми покажуваат што значи вистинска храброст. Се стремам да бидам меѓу луѓе кои носат светлина дури и во најтемните моменти, кои со својата човечност и топлина го менуваат секојдневието. Тие ме потсетуваат дека инспирацијата не мора да биде гласна, понекогаш најмоќна е токму онаа што се чувствува, а не се гледа.

Што ве плаши повеќе, неуспехот или недоразбирањето од јавноста?
- Ме плаши брзината на времето и чувството дека понекогаш не успевам да го искористам онака како што би сакала. Неуспехот го гледам како лекција што ме прави посилна, а недоразбирањето може да се надмине со искрен разговор и со желба да се разберат луѓето. Но времето… тоа е единственото нешто што не можам да го вратам назад, па затоа се трудам да го живеам секој миг автентично и со луѓето што ми значат.
Кога добивате критики, дали прво реагира лидерот или човекот во вас?
- Без сомнеж, секогаш прво реагира човекот во мене: со емоција, со потреба да разберам зошто и од каде доаѓаат тие зборови. Но многу брзо се активира и лидерот во мене, кој знае дека критиката е дел од патот и дека може да биде алатка за раст, се разбира доколку примената критика е оправдана и издржлива. Човекот во мене ме прави ранлива и искрена, а лидерот ме учи да ја претворам таа ранливост во сила.
Затоа критиката ја гледам како двоен процес: прво ја чувствувам, па ја анализирам и на крај ја претворам во поттик за да бидам подобра: приватно и професионално.
Дали женската солидарност е мит или реалност што сè уште ја учиме?
- Сè уште учиме да ја препознаеме и да ја негуваме солидарноста, затоа што долго време општеството ја градеше културата на конкуренција наместо на заедништво. Но секој пат кога жените ќе се здружат, кога ќе си дадат простор да се слушнат и да се поддржат, се раѓа сила што не може да се сопре. Солидарноста не е само идеал, туку патување што нè учи дека заедно сме непобедливи и енергија што ги поврзува нашите приказни, ги претвора во движење и создава иднина во која жените не се само дел од промената, туку нејзини двигатели.
Сте се почувствувале ли некогаш осамено на позицијата на лидер?
- Да, имало моменти кога сум се почувствувала осамено, но не затоа што се доживувам како лидер, туку затоа што понекогаш патот што го избираш е различен од оној на мнозинството. Јас себеси не се доживувам како лидер, туку како жена која се обидува да создаде простор за искреност, поддршка и заедништво. Осаменоста доаѓа тогаш кога мораш да застанеш цврсто зад своите вредности, дури и кога тоа значи да стоиш сама.
Но токму тие моменти ме потсетуваат дека вистинската сила не е во титулата „лидер“, туку во храброста да останеш верен на себе и да продолжиш да градиш заедница која ќе ја надмине таа осаменост.
Кој меѓународен разговор ве натера да сфатите дека проблемите ни се исти, без разлика на границите?
- Како една од основачите на меѓународната мрежа „Мајките за слободата во светот“, имам привилегија да бидам дел од средби со жени и мајки од повеќе од 30 земји ширум светот. Се собираме виртуелно еднаш месечно, за да ги споделиме нашите предизвици, решенијата со кои сме ги надминале и да зборуваме за тоа каква е позицијата на жената во различни општества што ја прави ранлива, но и што ја докажува како силна. Слушајќи ги нивните искрени излагања, сфаќаш дека пред сè учиш: се пронаоѓаш во нивните приказни, се поситоветуваш со нивните искуства и заедно доаѓате до нови и креативни решенија. Тоа е моментот кога уште еднаш ти се потврдува дека вистинската моќ на жената не е во индивидуалната борба, туку во заедништвото и во силата да се поддржуваме, да се охрабруваме и да градиме иднина каде секоја жена е слушната и препознаена.
Што денес најмногу ѝ недостига на македонската жена, систем или самоверба?
- Она што денес најмногу ѝ недостига на македонската жена не е самовербата. Недостига систем кој ќе ја препознае таа сила и ќе ја поддржи со еднакви можности, со фер услови и со институции што навистина функционираат за неа.
Жените во Македонија имаат глас, имаат идеи и имаат самодоверба, но често се судираат со ѕидови поставени од системот, од недостиг на поддршка за мајчинство, преку ограничени можности за напредување, до недоволна заштита од дискриминација. Затоа, вистинското прашање не е дали жените имаат самодоверба, туку дали општеството има волја да создаде систем што ќе ја препознае и ќе ја вреднува нивната сила.
Мислите ли дека жените премногу често се борат сами наместо заедно?
- Да, многу често жените се борат сами, тоа е наследство од генерации кои биле научени дека мораат самостојно да ја носат тежината. Но верувам дека вистинската сила не е во индивидуалната борба, туку во заедништвото. Кога жените се здружуваат, нивните приказни се испреплетуваат и создаваат моќ што не може да се игнорира.
Сè уште учиме да ја негуваме таа солидарност, затоа што општеството долго време ја поттикнувало конкуренцијата меѓу нас. Но секој пат кога една жена ќе охрабри друга, кога ќе сподели поддршка или ќе стане глас за некој што молчи, тогаш борбата престанува да биде осамена и станува заедничка. Тоа е патот кон вистинска промена да не се бориме сами, туку заедно.
Кога последен пат се сомневавте во себеси?
- Кога требаше да донесам одлука која ќе влијае врз многу луѓе околу мене. Во тие моменти се појавува тивок глас што прашува дали сум доволно подготвена, дали сум ја избрала вистинската насока. Но токму сомнежот ме потсетува дека сум човек и дека секоја голема одлука носи тежина.
Она што ме води напред е свеста дека сомнежот не е слабост, туку знак на одговорност. Кога ќе го прифатам, го претворам во сила: проверувам уште еднаш, слушам други мислења и на крај ја носам одлуката со чиста совест. Така сомнежот станува дел од процесот на раст, а не пречка.
Кој совет би си го дале на помладата Ана?
- На помладата Ана би ѝ рекла: не брзај да бидеш совршена. Дозволи си да грешиш, затоа што токму грешките ќе те научат најмногу. Би ѝ кажала да има повеќе доверба во себе, да не се плаши да го каже своето мислење и да не ја мери својата вредност според очекувањата на другите.
Би ја охрабрила да го слуша срцето, да се опкружува со луѓе што ја поддржуваат и да знае дека секој чекор и лесен и тежок е дел од патот што ја прави посилна. Најважно: би ѝ напоменала дека доволно е да биде автентична и лојална на себе и почесто да одвојува по некое парче од денот за себе.
Ако утре престанете со сите јавни функции, по што би сакале луѓето да ве запомнат?
- Не по позициите што сум ги имала, туку по вредностите што сум ги оставила зад себе. Би сакала да останам во нивното сеќавање како жена која верувала во силата на заедништвото, која охрабрувала други жени да ја пронајдат својата моќ и која секогаш се борела да внесе светлина таму каде што имало темнина. Најголемата радост би ми била ако сум успеала да бидам нечија инспирација. Тоа е трага што останува и тогаш кога функциите престануваат, а вредностите продолжуваат да живеат преку делата и сеќавањата. бдн/дј