• петок, 20 февруари 2026

Потпишување иницијатива за основање иновациски центар во Штип меѓу Универзитетот „Гоце Делчев”, Општината и Стопанската комора на Северна Македонија

Потпишување иницијатива за основање иновациски центар во Штип меѓу Универзитетот „Гоце Делчев”, Општината и Стопанската комора на Северна Македонија

Штип, 16 февруари 2026 (МИА) - Иницијатива за основање иновациски центар во Штип помеѓу Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип, Општина Штип и Стопанската комора на Северна Македонија ќе биде потпишана денеска од градоначалникот на општината, Иван Јорданов, претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, и ректорот, проф. д-р Дејан Мираковски. 

Иницијативата, како што наведуваат од Стопанската комора, ја претставува определбата на трите институции за создавање одржлив модел на трипартитна соработка во областа на претприемаштвото, иновациите и локалниот економски развој.

Азески за време на посетата ќе биде придружуван од членовите на Управниот одбор на Комората, а целта на посетата, како што се наведува во соопштението, во овој момент кога се води клучната расправа за промените на Законот за високото образование е подигнување на повисок степен на соработка меѓу образованието и бизнисот, особено во делот на примена на научните истражувања и користење на научната инфраструктура, што е од интерес за бизнисот, но и е препознатливо обележје на овој Универзитет.

Во соопштенито се додава дека на средбата со Мираковски ќе се разговара и за проширување на соработката со шестте земји на Западен Балкан, организирани во Коморскиот инвестициски форум - КИФ.

Азески во просториите на ректоратот на УГД ќе се сретне и со градоначалникот Иван Јорданов со кого ќе разговара за неколку заеднички проекти од интерес и за градот и за бизнисот, кои ќе бидат поврзани со новата инвестициона програма на Владата и Комората, а кои набргу ќе бидат  објавени. ац/

Фото: МИА архива

Остани поврзан