• недела, 01 март 2026

Петнаесет години од објавувањето на првиот број на македонскиот весник “Илинден“

Петнаесет години од објавувањето на првиот број на македонскиот весник “Илинден“

Дебар, 1 март 2026 ( МИА) - Пред петнаесет години, на 1 март 2011 година, во Тирана, беше објавен првиот број на македонскиот весник “Илинден“, како двоброј (март/април, чија цел е промоцијата на македонскиот јазик, афирмација на етничкиот, јазичниот, културниот идентитет, како и покренувањето прашања од интерес за Македонците во Албанија. 

 -До сега имаме објавено вкупно 71 број, докажувајќи континуитет и посветеност во информирањето на своите читатели и предизвикувајќи голем интерес кај читателите во Албанија, во татковината Македонија, како и во македонската дијаспора во светот, вели Никола Ѓурѓај, главен и одговорен уредник. 
 
Додава дека според бројните писма што стигнуваат до редакцијата, како и комуникацијата преку профилите на весникот на социјалните мрежи со читателите, во петнаесетгодишниот период весникот прераснал во сериозен весник, чии вести и теми сè повеќе стигнуваат до читателите. 
 
Македонскиот весник “Илинден“,  од март 2017 година, покрај печатената верзија, може да се следи и преку веб-страницата www.vesnik-ilinden.com, со што весникот стана достапен за пошироката јавност. 
 
Од септември истата година, е стандардизиран според меѓународните норми за печатени и електронски списанија со број ISSN 2522-6282 (онлајн) и ISSN 2522-4514 (печатено). 
 
Oд август 2022 година, македонскиот весник “Илинден“ е член на платформата на Алијансата за етички медиуми (AEM), каде што членуваат 30 печатени и аудиовизуелни медиуми во Албанија. 
 
Тој исто така е дел од најголемите информативни платформи во Македонија time.mk, grid.mk и vesti.mk 
 
За сите заинтересирани, сите изданија на македонскиот весник “Илинден“ се достапни и во Националната библиотека во Тирана, Библиотеката на Собранието на Албанија, Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопјe, Библиотеката на Институтот за старословенска култура - Прилеп, Библиотеката на Академијата на науките и уметностите на Македонија, Библиотеката „Григор Перличев“ - Охрид и Државниот архив на Македонија. 
 
-Мисијата на нашиот весник останува и понатаму иста а тоа е да го поттикнува и промовира македонскиот јазик и македонскиот идентитет во Албанија. Остануваме уверени дека нашите активности ќе бидат соодветно поддржани од државните институции на Албанија и Македонија, како и од Македонците од целиот свет, посочува Ѓурѓај. 
 
Редакцијата на македонскиот весник “Илинден“ изразува благодарност до сите свои соработници. 
 
-Со задоволство и гордост сакам да нагласам дека нашиот весник,  дава голем придонес во промоцијата на македонскиот јазик и во покренувањето прашања од интерес за Македонците во Албанија, и постојано работи на заштита и афирмација на етничкиот, јазичниот, културниот идентитет и националните традиции на Македонците во Албанија, нагласува тој. 
 
Од свое и име на редакцијата изразува благодарност до лојалните читатели за покажаниот интерес за содржините што ги нуди весникот, кој е гласило на македонското друштво "Илинден" - Тирана. вт /вг/


 Фото: МИА
 
 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан