• среда, 25 февруари 2026

Ослободени сите 166 верници кои беа киднапирани од две цркви во Нигерија

Ослободени сите 166 верници кои беа киднапирани од две цркви во Нигерија

Абуџа, 5 февруари 2026 (МИА) – Нигериските безбедносни служби ги спасија сите 166 верници кои беа киднапирани минатиот месец од вооружени лица во напади врз две цркви во северниот дел на земјата, соопшти денеска Христијанското здружение на Нигерија (CAN).

Оваа христијанска група го припиша успехот на операциите во државата Кадуна на моќта на молитвата и војската, но не објасни како или кога верниците биле ослободени. Војската, полицијата и локалната самоуправа во Кадуна сè уште не одговориле на барањата за коментар.

CAN, која ги претставува религиозните заедници низ Нигерија, соопшти дека вооружени лица упаднале во црквите на 18 јануари, заробиле 177 верници и ги одвлекле во блиските шуми. Единаесет од нив избегале, додека 166 се сметаа за исчезнати, појасни здружението.

Ова беше најнов во серијата пријавени напади и киднапирања во северна Нигерија што го привлекоа вниманието на американскиот претседател Доналд Трамп, кој ја обвини нигериската Влада дека не ги заштитила христијаните, што официјална Абуџа го негира.

На 25 декември, американските сили погодија, како што тврдат, терористички цели во северозападна Нигерија.

Имаше спротивставени извештаи за судбината на верниците. Полицијата првично тврдеше дека киднапирањето не се случило, а потоа во понеделникот објави дека 80 лица од списокот на киднапирани избегале во блиските села за време на рацијата и оттогаш се вратиле во своите домови. Полицијата и CAN често даваат различни бројки и извештаи за киднапирањата во црквите.

Свештеникот Џон Хајаб, раководител на северниот огранок на CAN, денеска појасни дека може да потврди дека сите верници се ослободени „по сите драми и несогласувања“, осврнувајќи се на првичното негирање на полицијата за киднапирањето.

„Она што го знаеме е дека тие се спасени. Никој од нас не побара да собере пари и никој од нас не зеде ниту една паричка“, рече тој. „Секако, бандитите сè уште имаат свои барања, но ние немавме никаква сума да им дадеме.“

Водачот на CAN во Кадуна, преподобниот Калеб Мааџи, исто така, потврди дека верниците се ослободени и дека тој штотуку се вратил од владината зграда во Кадуна каде што гувернерот требаше да ги пречека.

„Сè е подготвено за нивното пристигнување... Неговата екселенција ќе се сретне со нив. Ова е резултат на молитвите што ги упатуваме“, рече тој.

Нигериските власти нагласуваат дека соработуваат со Вашингтон.сд.рп/

Фото:ЕПА

Остани поврзан