Од утре обуки за зелена инфраструктура во Ѓорче Петров, а потоа и во Карпош и Кисела Вода
- Обуките се реализираат за да се зајакнат локалните капацитети за планирање и имплементација на зелена инфраструктура - заштитни зелени појаси, дрвореди, зелени кровови и ѕидови, мали зелени оази и дворни уредувања, кои истовремено го подобруваат квалитетот на воздухот и ја зголемуваат отпорноста на урбаните заедници на топлотни бранови, поплави и екстремни временски појави. Во следниот период циклусот обуки ќе продолжи и во општините Карпош и Кисела Вода.
Скопје, 18 декември 2025 (МИА) - Здружението на граѓани ФЛОРОЗОН, во партнерство со општините Карпош, Кисела Вода и Ѓорче Петров, почна со спроведување серија активности за примена на природно засновани решенија (Nature-Based Solutions – NbS) за намалување на аерозагадувањето и ублажување на последиците од климатските промени во Град Скопје. Како што информира, утре во Општина Ѓорче Петров стартува циклусот тематски обуки наменети за претставници од општинската администрација, локалните институции, образовните установи, бизнис секторот и граѓанското општество.
Обуките се реализираат за да се зајакнат локалните капацитети за планирање и имплементација на зелена инфраструктура - заштитни зелени појаси, дрвореди, зелени кровови и ѕидови, мали зелени оази и дворни уредувања, кои истовремено го подобруваат квалитетот на воздухот и ја зголемуваат отпорноста на урбаните заедници на топлотни бранови, поплави и екстремни временски појави. Во следниот период циклусот обуки ќе продолжи и во општините Карпош и Кисела Вода.
Преку практични работилници и теренски активности, проектот идентификува пилот-локации во трите таргет општини, каде ќе се развијат конкретни NbS интервенции. Овие
интервенции имаат повеќекратни придобивки - од задржување на прашината и суспендираните честички, намалување на т.н. урбани топлински острови до подобрување на микроклимата и создавање поздрава и попријатна животна средина за жителите.
-Со овој проект сакаме да покажеме дека природата е дел од решението, а не само жртва на климатските промени и нагласената урбанизација на просторот. Ппреку внимателно планирани „зелени“ интервенции можеме истовремено да го намалиме аерозагадувањето, да ја подобриме климата на микро-локации и да создадеме похумани и поздрави градски простори, истакнуваат од ФЛОРОЗОН.
За потребите на работилницте е изготвен и специјализиран прирачник за природно засновани решенија, наменет за професионалци од општините, урбанисти, пејзажни архитекти и други релевантни чинители, кој ќе биде јавно достапен онлајн. Прирачникот нуди преглед на типологии на NbS, критериуми за избор на соодветни решенија и препораки за нивна интеграција во локалните стратегии, планови и урбанистичка документација.
Активностите се реализираат во рамки на проектот „Nature-Based Solutions for Advancing Climate Mitigation of City of Skopje“ со поддршка од Амбасадата на Канада во Белград преку Канадскиот фонд за локални иницијативи (CFLI) и ќе продолжат и во наредниот период, со фокус на конкретна имплементација на пилот-мерки во трите општини, како и промоција на модел што може да се реплицира и во други општини во земјата. мч/са/
фото: ФЛОРОЗОН