Здравствениот дом во Виница доби донација спирометар
- Здравствениот дом во Виница денеска доби вредна донација во опрема – спирометар, кој е обезбеден од Ротари клубот Кочани–Виница.
Виница, 26 март 2026 (МИА) - Здравствениот дом во Виница денеска доби вредна донација во опрема – спирометар.
Донацијата е во вредност од 120.000 денари, обезбедена е од Ротари клубот Кочани–Виница и со неа се придонесува кон унапредување на здравствените услуги. Се очекува апаратот да се користи за реализирање активности насочени кон превенција и зачувување на здравјето на граѓаните.

Директорката на Здравствениот дом во Виница, Весна Димитрова, изрази искрена благодарност за поддршката, нагласувајќи ја важноста на ваквите донации за подобрување на условите и квалитетот на здравствената заштита. Со конкретниот апарат, нагласи таа, се овозможува понавремена дијагностика на респираторните заболувања.
Воедно, директорката Димитрова информираше дека е во завршна фаза постапката за воведување на дејноста Трудова медицина, за која веќе е обезбеден доктор специјалист. Според неа, се очекува во најскоро време услугите од оваа дејност да станат достапни и за граѓаните на Виница.
Донацијата од Ротари клубот Кочани - Виница е уште еден чекор кон модернизација и унапредување на здравствениот систем на локално ниво, сметаат здравствените работници од Здравствениот дом во Виница. ис/рп/
Фото: Општина Виница