Оваа сабота нема да се одржи „Маршот на ангелите“ поради хуманитарен фудбалски натпревар
- Поради претстојниот хуманитарен фудбалски натпревар меѓу ГФК „Осогово“ и ФК „Вардар“, кој ќе се одржи во сабота, на 07.02.2026 година, саботниот „Марш на ангелите“ ќе биде одложен, информира здружението на граѓани „16 март 2025 Кочани“.
Кочани, 5 февруари 2026“ (МИА) - Поради претстојниот хуманитарен фудбалски натпревар меѓу ГФК „Осогово“ и ФК „Вардар“, кој ќе се одржи во сабота, на 07.02.2026 година, саботниот „Марш на ангелите“ ќе биде одложен, информира здружението на граѓани „16 март 2025 Кочани“.
Новиот термин за одржување на маршот ќе биде дополнително утврден и навремено соопштен на јавноста, велат оттаму.
- Хуманитарниот натпревар, кој е посветен во чест и сеќавање на жртвите во трагичниот настан на 16 март 2025, претставува значајна иницијатива насочена кон обединување на заедницата во моменти на голема болка. Токму преку спортот – најпрепознатливиот симбол на фер натпревар, човечност, заедништво и подадена рака – се истакнува вредноста на колективната поддршка и солидарност, особено кога заедницата се соочува со длабока загуба. Целта на хуманитарниот натпревар не е само спортски настан, туку и општествен чин на почит и возобновена сила. Во вакви моменти, спортските клубови имаат моќ да бидат двигатели на позитивни иницијативи, да донесат надеж и да потсетат дека вистинските вредности се мерат преку човечноста, а не преку резултатите на терен, се наведува во соопштението на ЗГ „16 март 2025 Кочани“ .
Во таа насока, се упатува искрена и длабока благодарност до двата клуба – ГФК Осогово и ФК Вардар – за нивната подршка и иницијатива.
ЗГ „16 март 2025 Кочани“ упатува повик до целата јавност да присуствува на натпреварот, да даде поддршка и да придонесе кон изградбата на спомен-обележјето „Патека на бесконечноста“.ис/са/
Фото: Плакат ГФК„Осогово“