• вторник, 07 април 2026

Над 240.000 евра поддршка за иноватори преку програмата EIT Jumpstarter

Над 240.000 евра поддршка за иноватори преку програмата EIT Jumpstarter

Скопје, 7 април 2026 (МИА) - Над 240.000 евра финансиска поддршка, во периодот од март до декември 2026 година, ќе бидат ставени на располагање преку програмата EIT Jumpstarter, водечката пред-акцелераторска програма на Европскиот институт за иновации и технологија (ЕИТ), тело на Европската Унија, наменета за иноватори во рана фаза.

Со официјалното отворање на повикот за изданието 2026, програмата нуди обука, менторство и структуриран претприемачки пат за трансформација на научно засновани идеи во одржливи стартапи, кој кулминира со меѓународно натпреварување во презентација на бизнис-идеи.

Како што информираат од ЕИТ, учесниците ќе можат да аплицираат за награди од 10.000, 5.000 и 3.000 евра за најдобрите тимови во секоја тематска категорија, како и за специјални награди од по 2.500 евра за проекти од најоддалечените региони на ЕУ, Западен Балкан, Украина и за решенија усогласени со иницијативата „New European Bauhaus“.

Покрај финансиската поддршка, програмата обезбедува повеќе од 55 часа обука за претприемништво, менторство од искусни експерти, поддршка за професионална подготовка на презентации и пристап до паневропската иновациска мрежа на ЕИТ.

Програмата е првенствено наменета за иноватори од земјите вклучени во EIT Regional Innovation Scheme (EIT RIS), со посебен фокус на најоддалечените региони на ЕУ, како и земјите од Западен Балкан и Украина.

Идеите ќе се развиваат во шест тематски области: храна и земјоделие, здравство, енергија и обновливи извори, напредно и зелено производство, суровини и напредни материјали, како и паметни градови и урбана мобилност, со дополнителна специјална категорија за претприемачки таленти од Малта.

Пријавите се отворени до 8 мај 2026 година и може да се поднесат индивидуално или во тим преку веб-страницата www.eitjumpstarter.eu. бк/вг/

фото: EIT Community Hub North Macedonia

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан