Можности за интензивирање на парламентарните контакти со Казахстан
- Пратеничката група за соработка со парламентите на државите од Централна Азија денеска одржа средба со амбасадорите на Република Казахстан, Киргистанската Република, Република Таџикистан, Република Узбекистан и Туркменистан, акредитирани во Република Северна Македонија.
Скопје, 16 февруари 2026 (МИА) - Пратеничката група за соработка со парламентите на државите од Централна Азија денеска одржа средба со амбасадорите на Република Казахстан, Киргистанската Република, Република Таџикистан, Република Узбекистан и Туркменистан, акредитирани во Република Северна Македонија.
Претседателот на пратеничката група, пратеникот Никола Коњановски, им посакал добредојде на присутните и истакнал дека ваквите средби претставуваат значајна можност за размена на ставови за актуелните билатерални односи и за унапредување на парламентарната соработка. Тој нагласил дека Република Северна Македонија му дава особено значење на развојот на политичкиот дијалог, економската соработка и културната размена со земјите од Централна Азија.
Како што информираат од собраниската прес-служба, работната средба продолжила со обраќањето на амбасадорот на Казахстан, Буршаков, кој ги презентирал уставните измени и реформите што се спроведуваат во неговата земја, со цел зајакнување на демократските институции, владеењето на правото и унапредување на човековите права и слободи.

Во дискусијата учествувала и пратеничката Дијана Илиевска, која изразила задоволство што е член на Пратеничката група за соработка и за можноста да учествува на средбата. Таа му посакала успех на амбасадорот на Република Казахстан во процесот на уставните измени и реформите во земјата.
На средбата биле разменети мислења за можностите за продлабочување на економските, трговските, образовните и културните врски, како и за интензивирање на парламентарните контакти и размена на искуства меѓу парламентите.
Во дискусијата била нагласена улогата на Казахстан како важен фактор во Централна Азија и пошироко, особено во промовирањето на дијалогот, стабилноста и мултилатерализмот. Учесниците изразиле подготвеност за продлабочување на соработката на мултилатерално ниво.
Во насока на унапредување на парламентарните односи, било предложено воспоставување поинтензивна и редовна комуникација меѓу пратеничките групи за пријателство, организирање заеднички активности, работилници и тематски конференции, како и размена на делегации и експертски посети.
Соговорниците ја потврдиле заедничката заложба за понатамошно зајакнување на билатералните и парламентарните односи и за продлабочување на соработката преку размена на искуства во реформските процеси и евроинтегративниот пат на Република Северна Македонија. фф/дма/
Фото: Собрание