Мицкоски: ДУИ и Груби на владина седница препорачаа укинување на Балансерот
- Токму кога ДУИ беше во владата и прв потпретседател беше Артан Груби беше дадено мислење и препорака за бришење на алатката Балансер, а одлуката на Уставен суд јас не ја коментирам зашто одлуки на Уставниот суд не се коментираат, изјави премиерот Христијан Мицкоски на тврдењето на пратеничката од ДУИ Рина Ајдари.
Скопје, 25 декември 2025 (МИА) - Токму кога ДУИ беше во владата и прв потпретседател беше Артан Груби беше дадено мислење и препорака за бришење на алатката Балансер, а одлуката на Уставен суд јас не ја коментирам зашто одлуки на Уставниот суд не се коментираат, изјави премиерот Христијан Мицкоски на тврдењето на пратеничката од ДУИ Рина Ајдари.
На седница за пратенички прашања таа кажа дека оваа Влада ја укинала алатката за правична застапеност и оти речиси две години, како што рече, Албанците се без заштитени права и се објавуваат „скандалозни конкурси“ за вработување само на Македонци.
-Испраќање невистини од говорницата нема да ви донесе политички поени туку дополнително ќе одите во негативна насока што не е добро за вас. Се што кажавте е неточно и невистина. Чесно и доблесно ќе беше да се извините пред граѓаните и да кажете дека ние од ДУИ на владина седница донесовме одлука со која препорачавме да се избрише алатката Балансер и чесно и доблесно ќе беше да кажевте дека сите оние судии во Уставниот суд коишто ја донесоа таа одлука се уставни судии избрани од претходното владино мнозинство на СДСМ и ДУИ или се предлог на поранешниот претседател на државата, господинот Пендаровски. Ова е вистината што сите почитувани граѓани треба да ја знаат. Се останато е невистина и обид за груба политичка манипулација, рече Мицкоски.
Порача дека за сите што сметаат дека се обесправени постојат институции и судови и секогаш го имаат правото на жалба.
Претседателот на Владата додаде дека Законот за правична застапеност од оваа влада добил позитивна препорака од Венецијанска комисија чии одлуки, рече, според новата методологија на пристапување и преговарање по кластери, а побарано од Франција во 2018-2019 година, „се одлуки коишто не се коментираат туку се спроведуваат затоа што се дел од пристапниот процес кон Европската Унија“.
Мицкоски и одговори на Ајдари и дека „нема да навлегува во дискусија дали тој закон му се допаѓа на ДУИ или не му се допаѓа“ и нагласи дека тој е премиер на сите граѓани, без разлика на нивната етничка, верска и политичка припадност.
-Како Влада нема да толерираме злупотреба на канцелариите за спортски активности во форма на жонглирање со фудбалчиња, играње баскет или, пак, поставување јога душеци, кревети, преноќување во истите и да не кажам уште што вршење во тие канцеларии. Констатирано од страна на Министетството за внатрешни работи. Нема да одам чекор понатаму и нема да зборувам за да не бидам погрешно сфатен. Но, јас би се засрамил да сум на ваше место, дама сте, да браните такви луѓе. Би се засрамил после се што правеле таму. Ова ви го кажувам најодговорно и за тоа постои полициски засписник, рече Мицкоски реплицирајќи и на пратеничката од ДУИ Ајдари. хс/вј/
Фото: принтскрин