• петок, 28 август 2026

МВР Билтен

МВР Билтен

Скопје, 25 август 2026 (МИА) -  Полициски службеници од СВР Скопје на 24/25.08.2026 во Скопје, на различни локации, ги лишија од слобода С.А.(19) и У.С.(38), двајцата од Скопје, затоа што кај нив се пронајдени и одземени кафеава прашкаста материја и марихуана. По целосно документирање на случаите, ќе следуваат соодветни поднесоци.

На 24.08.2026 во 22:35 часот, полициски службеници од ОВР Кратово го лишија од слобода С.К.(64) од кратовско село, постапувајќи по претходна пријава дека физички го нападнал неговиот син. По целосно документирање на случајот, против С.К. ќе биде поднесена соодветна пријава.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Б.Ш.(26) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка кражба“. На 20.05.2026 во Тетово, пријавениот со употреба на сила одзел електричен тротинет од малолетник.    

На 24.08.2026 во 23:45 часот, полициски службеници од СВР Куманово го лишија од слобода Ч.М.(23) од Куманово затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 24.08.2026 во 15:00 часот, полициски службеници од СВР Куманово ја лишија од слобода А.И.(53) од липковско село, постапувајќи по претходна пријава дека се однесувала агресивно и упатувала закани на нејзината 18-годишна ќерка. Таа била приведена во полициска станица и по целосно документирање на случајот, против неа ќе биде поднесена соодветна пријава.

СВР Куманово поднесе кривична пријава против Б.Д.(31) од с.Бајловце, кумановско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 26.04.2026, по претходна расправија, пријавениот физички го нападнал С.П. од с.Бајловце, при што употребил тврд предмет.

На 24.08.2026 во 19:30 часот, полициски службеници од ОВР Дебар го лишија од слобода Б.Б.(31) од Дебар. Претходно, на пресекот на улиците „Јосиф Багери“ и „Веби Дирба“ во Дебар, тој со патничко моторно возило „пежо“ со струшки регистарски ознаки, кое го управувал, учествувал во сообраќајна незгода. По преземени мерки во врска со незгодата било констатирано дека Б.Б. го управувал без положен возачки испит. По насоки на јавен обвинител, возилото е одземено и по целосно документирање на настанот, против Б.Б. ќе биде поднесена кривична пријава по член 297-а од Кривичниот законик - „безобзирно управување со моторно возило“.

На 24.08.2026 во 21:55 часот, полициски службеници од ОВР Крива Паланка го лишија од слобода И.М.(49) од кривопаланечко село, поради сомнение дека во семејниот дом во Крива Паланка, ја вознемирувал неговата 43-годишна поранешна  партнерка и на тој начин постапил спротивно на судска одлука за заштита од вознемирување. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против А.Ј.(18) и Н.П.(18), двајцата од с.Брвеница, тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 12.04.2026 во Тетово, пријавените физички ја нападнале 23-годишната П.Т. од с.Туденце, општина Јегуновце, нанесувајќи ѝ повреди.

На 24.08.2026 во 23.55 часот во радовишко село, полициски службеници од СВР Струмица - ОВР Радовиш лишија од слобода 54-годишен жител на селото, кој според пријавеното околу 20:00 часот во семејниот дом агресивно се однесувал кон неговата мајка. Тој е задржан во Полициската станица Радовиш, а за настанот е известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Радовиш. По документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

Денеска (25.08.2026) во 04:10 часот во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје лишија од слобода 17-годишник од с.Кучевиште, скопско. При сообраќајна контрола на бул.„Илинден“, полициските службеници сопреле патничко возило „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, при што било констатирано дека малолетникот го управувал возилото без претходно да стекне со право на управување.  По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.

На 25.08.2026 во 00:30 часот во Велес, полициски службеници од СВР Велес го лишија од слобода И.М.(43) од Велес, постапувајќи по претходна пријава дека во домот се заканувал на неговата 41-годишна поранешна сопруга. По преземени мерки и извршени проверки било констатирано дека И.М. бил под дејство на алкохол, односно му биле измерени 2,14 промили алкохол во крвта. Тој бил задржан во полициска станица, известен бил јавен обвинител и по документирање на настанот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 24.08.2026 во 18:50 часот во Кавадарци, полициски службеници од СВР Велес го лишија од слобода Ф.К.(47) од Кавадарци. При сообраќајна контрола на улица „Максим Горки“ во Кавадарци било сопрено патничко возило „фиат“ со кавадаречки регистарски ознаки, управувано од Ф.К., а по преземени мерки и извршени проверки било констатирано дека го управувал пред да се стекне со право на управување и под дејство на алкохол, односно му биле измерени 0,78 промили алкохол во крвта. Ф.К. бил приведен во полициска станица, возилото било одземено и по документирање на настанот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 25.08.2026 во 00:05 часот во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода Г.Н.(64) од Скопје, постапувајќи по претходна пријава од неговата 59-годишна жена дека физички ја нападнал во семејниот дом. По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок.

На 24.08.2026 во 20:20 часот во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје лишија од слобода 15-годишник од Скопје. При сообраќајна контрола на бул.„Јане Сандански“, полициските службеници сопреле мотоцикл со скопски регистарски ознаки, при што било констатирано дека малолетникот го управувал мотоциклот без возачка дозвола. За настанот е известен јавен обвинител, а по целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.

На 24.08.2026 во 02:00 часот, полициски службеници од ОВР Гостивар лишија од слобода 17-годишен малолетник од с.Здуње, гостиварско. При контрола на патниот сообраќај на ул.„ЈНА“ во Гостивар, полициските службеници сопреле патничко моторно возило „мерцедес“ со гостиварски регистарски ознаки, кое го управувал без претходно положен возачки испит, односно без возачка дозвола. Возилото е одземено и по целосно документирање на случајот, против него ќе следува соодветна пријава.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Ресен поднесе кривична пријава против З.К.(43) од ресенско поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“. На 13.08.2026, пријавениот преку апликација на социјална мрежа упатувал закани на неговата сопруга.   

На 24.08.2026 во 10:15 часот во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода Е.О.(19) од с.Долно Количани, скопско. При сообраќајна контрола на ул.„Драчевска“, полициските службеници сопреле патничко возило „фолксваген“ со скопски регистарски ознаки, при што било констатирано дека Е.О. го управувал возилото без претходно да стекне со право на управување.  За настанот е известен јавен обвинител, а по целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.

На 24.08.2026 во 20:20 часот, полициски службеници од ОВР Неготино го лишија од слобода К.В.(56) од Неготино. Претходно било пријавено дека кај место викано „Горна Чешма“ во атар на село Тимјаник, неготинско, ловочувар од ловечко друштво „Вардар“ од Неготино го затекнал К.В. со ранец во кој имало усмртено диво животно за време на ловостој. Полициски службеници извршиле увид на местото, при што од К.В. биле одземени дивечот, ловечка пушка „Бајкал“, дозвола за поседување оружје и друга документација. Известен би јавен обвинител и по документирање на настанот против К.В. ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 24.08.2026 во 23:10 часот во СВР Скопје е пријавено дека во Ургентен центар при комплекс клиники „Мајка Тереза“ Скопје, М.С.(37) од Скопје, вработена како медицинска сестра на една од клиниките, додека извршувала работни задачи, паднала и се здобила со тешки телесни повреди. Извршен е увид. 

На 24.08.2026 во 23:45 часот во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода И.Б.(27) од с.Студеничани, скопско. При сообраќајна контрола во с.Студеничани, полициските службеници сопреле патничко возило „фолксваген венто“ со скопски регистарски ознаки, при што било констатирано дека И.Б. го управувал возилото без претходно да стекне со право на управување.  За настанот е известен јавен обвинител, а по целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.

На 25.08.2026 во 03:00 часот во СВР Велес е пријавено дека Ф.К. физички ја нападнал неговата 40-годишна невенчана сопруга во домот во Велес каде таа привремено престојувала и запалил предмет кој бил изгаснат од нејзина пријателка. Известен бил јавен обвинител и се преземаат мерки за расчистување на настанот.

На 24.08.2026 во СВР Скопје, Ј.К.(26) од с.Мала Речица, тетовско, пријавил дека околу 21:10 часот на паркинг простор на подрачјето на општина Аеродром во Скопје, по  завршување на фудбалски натпревар, бил физички нападнат од неколку лица. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 24.08.2026 во 20:00 часот во СВР Скопје, Е.З.(30) од Скопје пријавила дека на 22.08.2026 околу 18:15 часот, додека таа и нејзините деца биле во лифт од станбена зграда на подрачјето на Радишани, вратата од лифтот ненадејно се отворила и затворила, при што нејзината тригодишна ќерка била повлечена и се се здобила со тешки телесни повреди, констатирани во Јавната здравствена установа „Св.Наум Охридски“ Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.   

На 24.08.2026 во 15:00 часот во СВР Скопје, Г.Г.(46) од Скопје пријавил дека од семејниот дом се оддалечил неговиот татко Т.Г.(83) од Скопје, кој имал здравствени проблеми. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

На 24.08.2026 во 18:00 часот во СВР Скопје, 42-годишна жена од Скопје пријавила дека била физички нападната од нејзината золва Н.М., која фрлила и тврд предмет кон неа. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Пробиштип поднесе кривична пријава против Г.П.(50) од пробиштипско поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“. Пријавениот подолг временски период и во повеќе наврати упатувал закани на неговата сопруга. 

На 24.08.2026 во 14:10 часот во СВР Скопје е пријавено дека на крстосница на ул.„Народни херои“ со бул.„Борис Трајковски“ во Скопје настанал пожар во движење на товарно возило „мерцедес“ со радовишки регистарски ознаки, управувано од А.У.(29) од Радовиш. Повредени лица нема, а екипа од Бригадата за противпожарна заштита Скопје, пожарот бил изгаснат. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.

На 24.08.2026 во 14:15 часот во Скопје, полициски службеници го лишија од слобода Р.Ќ.(33) од Скопје, постапувајќи по претходна пријава од неговата поранешна 35-годишна партнерка од Скопје дека на 14.08.2026 во угостителски објект на подрачјето на Центар не го почитувал решението од Основен граѓански суд Скопје за забрана за приближување помало од 100 метри. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

СВР Штип поднесе кривична пријава против С.С.(37) од Штип поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 25.11.2025, полициски службеници извршиле преглед кај пријавениот, при што пронашле и одзеле марихуана и семки од растението канабис.    

На  24.08.2026 во 12:33 часот во ОВР Пробиштип било пријавено дека настанал пожар во с.Гујновци, пробиштипско. Од пожарот била зафтена и изгорена една куќа и помошна просторија кај с.Гујновци, сопственост на З.С. од Штип. Повредени лица нема, а пожарот е изгаснат од екипа на Територијалната противпожарна единица Пробиштип. Увид бил извршен.  

На 24.08.2026 во 15:00 часот во СВР Скопје, 42-годишна жена од Скопје пријавила дека околу 06:10 часот на подрачјето на општина Аеродром во Скопје била физички нападната од нејзиниот поранешен партнер З.Р., кој притоа не го почитувал решението од Основен граѓански суд Скопје за спречување семејно насилство. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 24.08.2026 во 13:00 часот во СВР Скопје, 71-годишна жена од Скопје пријавила дека на 16.08.2026 околу 17:00 часот на подрачјето на Карпош, А.С., поранешна партнерка на нејзиниот син, упатувала закани на неа и на нејзиниот син. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. лв/

фото: МИА архива 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа