Кралскиот историчар Викерс тврди дека принц Филип години наназад боледувал од рак на панкреасот
- Според неговите докази, војводата од Единбург се разболел во 2013 година, за време на болничко лекување, кога имал 91 година. Иако докторите кажале дека принц Филип нема да живее долго, според историчарот, принцот живеел значително подолго“, пренесува британскиот весник Индепендент
Лондон, 31 март 2026 (МИА) - „Починатиот британски принц, принц Филип, наводно речиси осум години боледувал од рак на панкреасот, тврди кралскиот историчар Хју Викерс во новата биографија посветена на кралицата Елизабета II. Според неговите докази, војводата од Единбург се разболел во 2013 година, за време на болничко лекување, кога имал 91 година. Иако докторите кажале дека принц Филип нема да живее долго, според историчарот, принцот живеел значително подолго“.
Викерс во својата книга детално ги опишува и последните денови на принцот, наведувајќи дека вечерта пред смртта самиот ја напуштил собата, зел пијалак, а потоа следното утро се повлекол откако му се слошило.
„Последната ноќ од својот живот, принц Филип избегал од медицинскиот персонал, шетал по ходникот со помош на одалка, зел пиво и го испил во собата. Следното утро станал, се истуширал, рекол дека не се чувствува добро и мирно починал. До тој момент живеел со рак на панкреасот речиси осум години – значително подолго од предвиденото време“, пишува Викерс во биографијата.
Сепак, официјалната причина за смртта останала забележана како „старост“.
Принцот Филип, сопруг на кралицата Елизабета II, почина во април 2021 година на 99-годишна возраст. Според податоците на организацијата Кенсер Рисерч, ракот на панкреас е петти најчест причинител на смрт во Велика Британија, со околу 10.200 смртни случаи секоја година. Помалку од 5 проценти од луѓето живеат со рак на панкреасот (10 или повеќе години), а околу половина од пациентите умираат во рок од три месеци по откривање на болеста. мв/ми/
Фото: Јутјуб - принтскрин