• сабота, 19 септември 2026

Исцрпени мршојадци на Крит меѓу жителите и туристите бараат вода и храна – од АНИМА за МИА велат дека причината се сушата и високите температури

Исцрпени мршојадци на Крит меѓу жителите и туристите бараат вода и храна – од АНИМА за МИА велат дека причината се сушата и високите температури

Атина, 22 август 2026 (МИА) – На плажи, на лежалки, на автомобил во движење, на автопат, па дури и на крило на паркиран авион на аеродром – во изминатиот период, на грчкиот остров Крит, сè почесто е присуството на изнемоштени, пред сè млади мршојадци и социјалните мрежи во Грција се полни со видеа од граѓани и туристи кои сретнале мршојадец, а Мариа Ганоти претседателката на невладината организација за заштита и грижа на диви животни АНИМА во разговор со дописничката на МИА од Атина објаснува дека веќе е вообичаена појава во летата со суша и долг период на високи температури.

АНИМА е организација за заштита, згрижување, спасување, лекување и враќање во природата на диви животни со седиште во Атина и токму таму се испраќаат пронајдените и спасените мршојадци, доколку имаат потреба од грижа и нега.

Ганоти вели дека од крајот на јули згрижиле 30 мршојадци, додека пак само во текот на вчерашниот ден кај нив пристигнале пет, што според неа е значително голем број, а нагласува дека при пронаоѓањето, она што е најважно и потребно е да им се стави сад со вода.

- Мршојадците на Крит се во многу добра состојба со стабилна популација, па затоа има доста млади. Проблемот е што младите мршојадци се неискусни. Многупати се неискусни и во летањето, ги зафаќаат воздушни струења, па завршуваат во морето, од каде што луѓето ги извлекуваат. Или, пак, не успеваат да ги најдат изворите на вода и храна што возрасните ги знаат, па дехидрираат и се исцрпуваат и затоа ги наоѓаат на пример на улици, неподвижни, а автомобилите застануваат и луѓето се прашуваат: „Што е ова?“. Она што им е потребно на овие млади мршојадци, пред сè, е да им се стави сад со вода. Тоа е најважно, објаснува претседателката на АНИМА.

Додава дека потоа, граѓаните треба да ја известат шумската служба од општината или Природонаучниот музеј, кои ги преземаат животните и ги пренесуваат во центрите за згрижување.

- Ние, повеќето од оние што ќе стигнат кај нас, ги ставаме на интензивна терапија со течности, односно веднаш им даваме инфузија, понекогаш неколку дена, додека не закрепнат. Потоа, по шест до осум месеци ги враќаме на Крит, додава Ганоти.

Социјалните мрежи во Грција во изминатите денови се преплавени со видеа и фотографии: „Мршојадец на лежалка на плажа“; „Возиш и мршојадец ти застанува на хаубата од автомобилот и се вози со тебе“; „Неочекуван гостин на плажа“.

Како што објави МИА во понеделникот, мршојадец „слетал“ на задното крило на авион паркиран на пистата на аеродромот во градот Ираклио, а беше спасен по интервенција на припадниците на противпожарната служба, за што пожарникарот Антонис Петракис на социјалните мрежи објави фотографии.

Припадниците на противпожарната станица на аеродромот во градот Ираклио на грчкиот остров Крит биле повикани да интервенираат во еден несекојдневен „инцидент“ и да спасат мршојадец кој „слета

Последниот случај објавен на социјалните мрежи е од пред два дена, кога возачот Танасис Гунарис наишол на мршојадец на најпрометниот автопат на Крит во близина на градот Ретимно, застанал, заедно со други возачи за како што вели, да спасат еден живот.

- Едно прекрасно диво суштество, очигледно исцрпено, додека околу него автомобилите поминуваа со голема брзина. Веднаш застанав. Заедно со другите луѓе кои се најдоа на местото, накратко го прекинавме сообраќајот и со голема претпазливост, успеавме да го тргнеме од коловозот пред да се случи најлошото. Имав само малку вода и малку храна за мачки. Му ставив вода и му дадов малку храна, главно за да остане на безбедното место и повторно да не излезе на патот. И останавме таму со него, обидувајќи се да го заштитиме од автомобилите што поминуваа, напиша Гунарис на Фејсбук, објавувајќи видео од мршојадецот и додавајќи дека веднаш стапил во контакт со АНИМА и добил упатства по што од шумската служба од Ретимно го презеле животното.

Со оглед на тоа што „средбите“ на луѓето со мршојадците се сѐ почести на грчкиот остров, со претседателката на невладината организација поразговаравме и за тоа дали се опасни за луѓето.

- Кутрите се целосно збунети. Млади се. Секако, не треба да се обидувате да ги фатите, бидејќи имаат остар клун. Ние, ако треба да се фати такво животно, или ќе отиде на терен наш соработник или претставник на шумската служба ќе го направи тоа, или ќе дадеме многу прецизни упатства за да не биде повреден човекот. Но, во принцип, тие се многу слаби и исцрпени, објасни Ганоти.

За причините за нивното појавување во населените места и меѓу луѓето, посочува дека веќе е вообичаено во последните неколку лета.

- Секое лето кога има суша и долг период на високи температури, се појавува овој феномен. И секоја година станува сè почест, посочи за МИА претседателката на грчката невладина организација. ср/са/

Фото: Анима/ Социјални мрежи
Видео: Фејсбук Танасис Гунарис