Избори во Унгарија, МИА во Будимпешта: Американски конгресмени ја обвинија ЕУ дека се меша во изборите во Унгарија и работи против Орбан
- Американските конгресмени Крис Смит и Енди Харис упатија писмо до претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен, во кое ја обвинуваат дека ЕУ непринципиелно се меша во изборите во Унгарија.
Будимпешта, 11 април 2026 (МИА)
Цветин ЧИЛИМАНОВ, специјален известувач на МИА од Будимпешта
Американските конгресмени Крис Смит и Енди Харис упатија писмо до претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен, во кое ја обвинуваат дека ЕУ непринципиелно се меша во изборите во Унгарија. Според двајцата конгресмени од владејачката Републиканска Партија, кои се активни во следење на демократските процеси во Европа, ЕУ отворено навива за победа на опозициската партија Тиса на Петар Маѓар и прави се што може да ја поткопа Владата на Виктор Орбан.
„Ви пишуваме да изразиме длабока загриженост во врска со постапките на Европската Комисија и други институции на ЕУ. Вашите постапки во врска со изборите во Унгарија се далеку над нормалното изразување на мислење за настаните во земја-членка на ЕУ и претставуваат директно мешање во внатрешните факти на Унгарија, во нејзината политика, медиумите и граѓанското општество за време на активен предизборен период. Вие земате улога за која во Унгарија општо се смета дека е пристрасна, во поддршка на еден политички исход, со што ризикувате да ја поткопате довербата во неутралноста на институциите и почитта за демократските процеси во земјите - членки“, пишува во писмото на конгресмените Смит и Харис.
Во писмото се наведува дека начините на кои ЕУ се меша во изборниот процес во Унгарија вклучуваат финансирање на исполитизирани невладини организации во Унгарија, притисок врз социјалните мрежи да вршат цензура, водење постапки за наводно кршење на демократските правила само и исклучиво против конзервативни влади во Европа и игнорирање на прекршувањето на нормите кои тоа го прават левичарски влади.
Во делот на невладините организации, конгресмените Смит и Харис велат дека ЕУ им дава сериозни пари на организации кои „го обликуваат јавното мислење во пресрет на изборите" и дека овие организации во огромен број се критични кон актуелната Влада.
Во однос на социјалните мрежи, се наведува дека ЕУ ја злоупотребува својата регулатива ДСА со која отстранува легитимни политички ставови од јавниот форум, на начин кој „го дискриминира изнесувањето ставови кои одговараат на позициите на актуелната Влада". Владата на Орбан конкретно обвини дека пристрасни „проверувачи на факти" отстранувале коментари или ја намалувале видливоста на постови на коментатори блиски до власта од Фејсбук.
Според конгресмените, постапките на ЕУ за наводно кршење на владеењето на правото во Унгарија „се спроведуваат на политички селективен начин".
Конгресмените Смит и Харис потсетуваат дека на сличен начин ЕУ видела постапки за контрола на владеењето на правото и демократските процеси во Полска, кога таму на власт беше конзервативната партија ПиС, но „овие процедури на циничен начин беа запрени кога на власт дојде прогресивна партија".
Двајцата конгресмени информираат дека, имајќи ги предвид историски блиските односи на САД и ЕУ, тие ќе бараат ЕУ да обезбеди јасен увид во финансирањето на невладини организации во Унгарија, увид во критериумите според кои ЕУ се меша во наративот во земја членка во пресрет на изборите и увид во примената на директивата со која се ограничува слободата на говор на социјалните мрежи. цч/паг/
Фото: Принтскрин