Градоначалникот Грозданов се сретна со претставници на Францускиот институт од Скопје
Кочани, 24 март 2026 (МИА) - Со цел да се промовираат францускиот јазик и култура во образовниот систем, градоначалникот на Општина Кочани Владко Грозданов прими претставници од Францускиот институт во Скопје. На средбата беа разгледани можностите за воведување на францускиот јазик како слободен изборен предмет во петтите одделенија во основните училишта, известува Општината.

На средбата присуствуваше директорот на Францускиот институт во Скопје, Грегоар Жислер, аташето за лингвистика во Францускиот институт, Љупка Димова, советничката во Бирото за развој на образованието, Кети Димковска, како и директорите на основните училиштата каде што се презентираше добра практика со воведувањето на францускиот јазик во ООУ „Малина Попиванова“ – Кочани.
Според соопштението, во разговорите, градоначалникот Грозданов нагласил дека со најавената оптимизација на училишната мрежа и започнување на едносменско работење во училиштата претстојат нови предизвици во образованието, но доколку на понудените анкети на родителите за воведување на францускиот јазик во други училишта има интерес, ќе се излезе во пресрет со поддршка и соработка со Францускиот институт, Бирото за развој на образованието и МОН. ис/вј/
Фото: Општина Кочани