Виница: Започна реализацијата на инфраструктурни проекти во вредност од над 11 милиони денари
Виница,5 февруари 2026 (МИА) - Откако неделава временските услови се подобрија, Општина Виница започна со реализација на повеќе инфраструктурни проекти, подготвуваме во текот на изминатиот период.
Денеска почна реконструкцијата на водоводната и канализациската мрежа на улица „Ванчо Прке“, која го поврзува градот со населба и село Градец.

-Се предвидува реконструкција на водоводната мрежа во должина од 558 метри, односно замена на азбест-цементни со полиетилентски цевки со висок квалитет. Предвидена е и реконструкција на канализационата мрежа во должина од 543 метри, која е доста стара, изградена од неквалитетни материјали и јавното комунално претпријатие се соочуваше со постојани дефекти на истата, реферира Митко Костадиновски, градоначалник на Општина Виница.
-Веднаш после реконструкцијата на комуналната инфраструктура на оваа улица, на која има голема фреквенција на сообраќај бидејќи се поврзува со локалниот пат Виница- село Градец и која беше многу оштетена и не реконструирана најмалку 20 години, ќе следува и нејзина целосна реконструкција, најавува Костадиновски.
Според него, доколку овозможат временските услови, градежните работи треба да завршат за 1 месец и во тој период граѓаните кои гравитираат кон населба и село Градец ќе ја користат улицата „Кеј 30-ти Август“.

Финансиските средства за овој проект, вклучувајќи ја и реконструкцијата на улицата, изнесуваат вкупно 11.486.330 денари и се обезбедени преку повикот на Владата за инфраструктурни проекти за општините од Министерството за животна средина и Министерството за транспорт.ис/
Фото: Општина Виница