Вадефул се обидува да ги смири тензиите со Рубио околу војната во Иран
- Германскиот министер за надворешни работи, Јохан Вадефул, изјави дека успеал да му разјасни на својот американски колега Марко Рубио дека Германија е подготвена да помогне во Ормуската Теснина – откако војната ќе заврши.
Париз, 27 март 2026 (МИА) – Германскиот министер за надворешни работи, Јохан Вадефул, изјави дека успеал да му разјасни на својот американски колега Марко Рубио дека Германија е подготвена да помогне во Ормуската Теснина – откако војната ќе заврши.
- Германија секако е подготвена, по прекинот на непријателствата, исто така да одигра улога кога станува збор за обезбедување на сигурноста на бродскиот сообраќај во Ормуската Теснина – му рекол Вадефул на Рубио за време на нивниот прв билатерален разговор на маргините на состанокот на Г7 во Франција.
Како што пренесува ДПА, тој додал дека се очекува дискусиите на оваа тема да продолжат.
Американскиот претседател Доналд Трамп претходно ги обвини Германија и другите европски членки на НАТО дека не реагирале на неговите повици за помош во обезбедувањето на овој клучен нафтен пат. Трамп вчера истакна дека слушнал „од шефот на Германија“ (канцеларот Мерц) дека војната во Иран „не е нивна војна“. Трамп рече дека на тој став одговорил со зборовите: „Па, и Украина не е наша војна“.
Вадефул ги нарече ваквите забелешки на Трамп за позицијата на Германија како „многу несоодветни“. Портпаролот на германската влада, Штефан Корнелиус, одби да ги коментира изјавите на Трамп, велејќи дека тие ќе се оценуваат „интерно“. „Но, тоа не е изјава која не држи будни во текот на ноќта“, додаде тој.
Германскиот министер го повтори својот повик за единство меѓу Г7. Со оглед на тоа што „Иран и Русија соработуваат многу тесно, ние мораме да стоиме заедно уште поцврсто“, рече тој. Групата претходно дискутираше за понатамошна поддршка за Украина во присуство на Рубио. Вадефул истакна дека светот сега се соочува со две војни – во Украина и Иран – што претставува „автоматски притисок врз нашата економија, нашите општества и нашата кохезија“. јт/
Фото: ДПА