• понеделник, 20 април 2026

Божиновска: Рубинот инспирација за иднината - уметност и геологија се споија со цел ресурсите да ги претвораме во знаење, вредност и иднина

Божиновска: Рубинот инспирација за иднината - уметност и геологија се споија со цел ресурсите да ги претвораме во знаење, вредност и иднина

Скопје, 16 април 2026 (МИА) - Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, заедно со амбасадорот на Република Словенија, Грегор Прескер, ја посети работилницата за мозаик и рубин, која се реализира во ДСУЛД „Лазар Личеноски“.

Како што соопшти Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, станува збор за иновативен пристап, кој ги поврзува геологијата, уметноста и едукацијата преку практична работа со минерали - со посебен фокус на рубинот како симбол и материјал. Работилницата веќе е во тек и претставува редок пример каде што природните ресурси се претвораат во креативен и едукативен процес со пошироко општествено значење.

Посетата е дел од пошироките активности на Министерството насочени кон поврзување на енергетиката и рударството со образованието, иновациите и креативните индустрии како клучен сегмент од современите политики за одржлив развој.

- Ваквите проекти се конкретен пример како се гради нов наратив за енергетиката и рударството не само како сектор туку како простор за знаење, иновации и поврзување со културата. Нашата цел е природните ресурси да станат дел од образованието, креативноста и економијата. Токму таму се создава вистинската додадена вредност за државата. Ваквите иницијативи се важен чекор кон градење нов пристап во секторот - каде што младите се директно вклучени, а ресурсите се користат како алатка за учење, иновации и развој на нови вештини - истакнала министерката Божиновска.

Амбасадорот Прескер ги поздравил соработката и поддршката на ваквите проекти нагласувајќи дека тие создаваат конкретни резултати и долгорочни партнерства меѓу институциите, образованието и граѓанскиот сектор.

Во рамките на посетата министерката Божиновска и амбасадорот Прескер симболично се вклучиле и во самиот креативен процес учествувајќи во изработката на мозаикот инспириран од рубинот. Преку овој гест тие дале поддршка на идејата за поврзување на природните ресурси со уметноста и образованието испраќајќи силна порака за значењето на креативноста, инклузијата и заедничкото создавање како двигатели на одржливата иднина.

Работилницата е дел од проектот „Вештини - клучот на зелената економија“, поддржан од Амбасадата на Република Словенија, а го реализираат центарот за истражување на природата и културата Nature Expedition и здружението „Дијалог“. Проектот комбинира геологија, сторителинг и уметност преку изработка на мозаик инспириран од рубинот. Дополнителна вредност на процесот е и инклузивната компонента - во активностите се вклучуваат и млади лица со Даунов синдром, со што проектот добива и силна општествена димензија.

Во рамките на активностите се изработуваат два мозаика - едниот ќе биде поставен во мермерниот комплекс во Беловодица како дел од концепт за отворена галерија, а вториот ќе биде изложен во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини

Проектот „Вештини - клучот на зелената економија“ отвора нова перспектива: од ресурс до знаење, од минерал до приказна, од образование до одржлива иднина. дма/вј/

 

Фото: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини

Остани поврзан