• вторник, 14 април 2026

Белградските медиуми: Ќе биде сослушан малолетникот што уби девет ученици и чувар и рани седуммина во училиштето „Рибникар“

Белградските медиуми: Ќе биде сослушан малолетникот што уби девет ученици и чувар и рани седуммина во училиштето „Рибникар“

Белград, 25 март 2026 (МИА) -  Во зградата на Специјалниот суд во Белград, денеска, на судењето на Милјана и Владимир Кецмановиќ, треба да биде сослушан нивниот син К. К., кој на 3 мај 2023 година уби девет соученици и училиштен чувар, а рани шест ученици и една наставничка, во основното училиште „Владислав Рибникар“.

Таа постапка е затворена за јавноста, па затоа никој официјално не објавил дека малолетникот ќе биде сослушан, но на тоа укажува фактот дека во текот на претходната постапка судењето беше преместено од Палатата на правдата во друг суд само кога К. К. беше испрашуван, јавија белградски медиуми.

К. К. треба да биде донесен од здравствената установа во која се наоѓа речиси три години.

Таткото Владимир и мајката Милјана од почетокот на судењето ја негираат вината.

Тоа судење е затворено за јавноста по предлог на Вишото јавно обвинителство во Белград со цел да се заштитат интересите на малолетниците и приватноста на оштетените, а постапката се повторува бидејќи Апелацискиот суд во Белград ја поништи првостепената пресуда со која Кецмановиќ беа осудени на неколку години затвор и побара судењето да се повтори.

Владимир Кецмановиќ беше осуден на затворска казна од 14 и пол години со првостепената пресуда за кривично дело занемарување и злоупотреба на малолетно лице и тешко дело против јавната безбедност, а неговата сопруга Милјана Кецмановиќ е осудена на затворска казна од три години за кривично дело занемарување и злоупотреба на малолетно лице.

Со истата пресуда, Немања Маринковиќ, инструктор на стрелиштето на кое К. К. вежбал пукање, е осуден на една година домашен затвор за лажно сведочење.

Покрај кривичната постапка, против Кецмановиќ се водеа и пет граѓански постапки врз основа на тужби поднесени од членови на семејства на убиените и ранетите, од кои сите беа завршени во прв степен.

Момчето К. К., кое во времето на тоа злосторство сè уште немало 14 години и затоа не е кривично одговорно, пукаше на 3 мај во ова белградско училиште со два пиштола на својот татко, кои ги зел на 1 мај 2023 година. зш/ссм/
фото ЕПА

Остани поврзан