Адили Емини на ПАБСЕК: Потребна е посилна регионална соработка за дигитална трансформација
- Пратеничката Валбона Адили Емини, член на Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во Парламентарното собрание на Организацијата за црноморска економска соработка (ПАБСЕК), учествуваше на 66. седница на Комисијата за економска и развојна политика, која се одржа во Букурешт, Романија.
Скопје, 17 март 2026 (МИА) - Пратеничката Валбона Адили Емини, член на Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во Парламентарното собрание на Организацијата за црноморска економска соработка (ПАБСЕК), учествуваше на 66. седница на Комисијата за економска и развојна политика, која се одржа во Букурешт, Романија.
Како што информираат од собраниската прес-служба, во фокусот на дискусијата на седницата на Комисијата бил извештајот на тема „Дигитална трансформација во земјите членки на Црноморската економска соработка“. Во рамки на оваа точка бил разгледан и нацрт-извештајот, како и предлог-препораката која се однесува на унапредување на дигиталната трансформација и продлабочување на регионалната соработка во оваа област.
Во своето обраќање, пратеничката Адили Емини нагласила дека дигиталната трансформација претставува еден од клучните приоритети на националната агенда на Република Северна Македонија, особено во контекст на европската интеграција и модернизацијата на економијата и јавната администрација.

Адили Емини посочила дека Северна Македонија има постигнато значителен напредок во развојот на дигиталната инфраструктура, со речиси целосна покриеност со 3G, 4G и 5G-мрежи, што создава солидна основа за развој на дигиталната економија. Таа истакнала и дека државата е активно вклучена во повеќе европски иницијативи поврзани со дигиталната трансформација, вклучително и програмите за високоперформансно компјутерство и регионалната дигитална агенда за Западен Балкан.
И покрај постигнатиот напредок, таа укажала дека остануваат и предизвици кои треба да се надминат, особено во делот на зголемување на инвестициите во дигиталните вештини на граѓаните, зајакнување на регулаторната независност и понатамошно усогласување на националното законодавство со европските стандарди во областа на дигиталните комуникации и кибербезбедноста.
Пратеничката Адили Емини ја истакнала и важноста од продлабочување на регионалната соработка во рамките на ПАБСЕК, нагласувајќи дека иницијативите како меѓусебното признавање на електронските потписи, стандардизацијата на форматите на податоци и создавањето интегриран регионален дигитален простор можат значително да придонесат за економскиот развој и за подобрување на услугите за граѓаните и бизнисите.
На крајот од своето излагање, Адили Емини јала изрази поддршката на Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија за препораките содржани во извештајот и ја нагласи подготвеноста за понатамошна активна соработка во рамките на ПАБСЕК со цел поттикнување на дигиталната трансформација и економскиот развој во регионот. фф/нд/
Фото: Собрание