• четврток, 21 ноември 2024

Oбичаи и верувања

Oбичаи и верувања
1 ноември 2020 Свети Прохор Пчињски  Пустиножителот кој му ја претскажал иднината на царот Диоген Според житието свети Прохор Пчињски потекнувал од некое село од Овчеполието. Родителите, татко му Јован и мајка му Ана, биле чесни и побожни луѓе што долго немале деца. Поради тоа биле несреќни и секогаш го молеле Бога да им даде пород. И по многу години Бог ги дарувал со машка рожба на која ѝ ставиле име Прохор. Му се радувале и го воспитувале во христијански дух, а кога пораснал сакале да го оженат, да формира семејство и да го наследи имотот. Но Прохор сакал да му се посвети на Бога. Еднаш во црквата ги слушнал овие зборови од Светото евангелие: „Кој го сака својот татко, или својата мајка повеќе од мене, не ми е достоен, кој ја сака жената или децата повеќе од мене, не ми е достоен; кој сака да го земе својот крст и по мене да дојде ‒ стопати ќе биде примен и вечниот живот ќе го наследи“. По излегувањето од црквата Прохор се упатил кон планината и започнал испоснички живот. Најпрвин живеел во една пештера во близината на селото Старо Нагоричане, Кумановско. Се хранел со зелје и корења од трева, живеел во пост и молитви, зиме на мраз, лете во пот. На тоа место без да види човек, а дружејќи се само со дивите ѕверови, минал 32 години. Тука имал средба и со Роман Диоген идниот цар на Византија, на кого му ја претскажал иднината. Имено, житието раскажува дека еднаш кога Диоген бил на лов во овој крај бркал една срна. Срната дошла пред пештерата и легнала пред нозете на светецот. Потоа, по неа дошол и Диоген кој се исплашил од глетката и се засрамил од старецот, поради што почнал да бега од местото. Но и се изненадил кога старецот го повикал по име: „Диогене, немој да бегаш, но врати се и јас сум човек“. А кога се вратил кај старецот барајќи прошка и благослов овој му рекол: „Диогене, речено е да одиш во Цариград и да бидеш цар, но кога ќе дојдеш на престолот спомени ме мене, старецот, поради пророштвото што ти го изреков“. Диоген навистина станал цар на Византија во периодот од 1067 до 1071 и тогаш го заборавил светиот Прохор. Овој пак го продолжил монашкиот живот во планината Козјак во една пештера во близината на реката Пчиња, каде што и умрел на 14-тиот ден од месецот октомври, а неговото тело долго не се распаднало. Царот Роман Диоген навистина заборавил на светиот старец но еднаш тој му се јавил во сонот и му рекол: „Ја заборави твојата облека и мене старецот“. Тогаш тој тргнал да го бара на местото каде што ја имал чудната средба со него и со срната. А кога не го нашол, за спомен изградил убава црква што и денес ги восхитува случајните и намерните посетители на селото Старо Нагоричане. А кога сакал да се врати во Цариград пак во сонот му се јавил светецот и му рекол дека ако го бара ќе го најде во планината. Царот со придружбата тргнале низ планината и на едно место виделе како бел орел излегува од една пештера. Во таа пештера го нашле телото на светецот уште нераспаднато. Царот и придружбата се поклониле пред светите мошти, и ги понесле кон реката со намера да ги положат во манастирот посветен на неговиот спомен. На едно место ковчегот со светите мошти застанал и не можеле да го помрднат, а светецот во сонот му рекол на царот: „Нема да ме однесеш оттука“. Тука е изграден манастирот што го носи името на свети Прохор Пчињски, а неговите свети мошти и денес лежат во црквата од десната страна на олтарот. Царот Диоген по овие настани среќен се вратил во Цариград. Најстариот портрет на свети Прохор Пчињски заедно со портретот на свети Јоаким Осоговски се среќаваат во црквата „Свети Ѓорѓи“ во Старо Нагоричане, по обновувањето завршени во 1318 година, како единствени претставници на локалниот култ. Свети Прохор Пчињски починал на 14 септември (с.с.), но поради тоа што на овој ден се празнува големиот празник Воздвижение на чесниот крест (Крстовден) празнувањето на преподобниот Прохор е пренесено на 19 октомври (с.с.) кога слави и неговиот манастир. Манастир „Свети Прохор Пчињски“ Манастирот на реката Пчиња е подигнат во 11 век. Бил и зографски центар, а и препишувачка школа, односно ракописен центар. Живописот на црквата е од 1489 година. Во 1944 година во манастирот е одржано Првото заседание на АСНОМ. (Подготви Марко Китевски)

Остани поврзан