• понеделник, 23 декември 2024

Mеморандум за соработка во борбата против радикализација преку интернет, потребни се специјализирани обуки и надградба на професионалците

Mеморандум за соработка во борбата против радикализација преку интернет, потребни се специјализирани обуки и надградба на професионалците
Скопје, 30 март 2022 (МИА) - За да можеме во целост да одговориме на предизвикот на насилниот екстремизам, во овој процес мора да вклучиме широк фронт на институции и општествени чинители, како единствен предуслов за да може општеството да биде отпорно на сите форми на ширење на омраза, предизвикување расна, етничка или верска нетрпеливост, како и други содржини што се пласираат преку социјалните медиуми, истакна националниот координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризмот, Златко Апостолски на денешното потпишување на Меморандумот за соработка во борбата против радикализација преку интернет. Според него, објавувањето одредени содржини на порталите е проблем за целиот свет и за земјава, па затоа со овој меморандум се настојува да се подигнат капацитетите на институциите во следењето на онлајн содржините што се постираат во медиумите во Северна Македонија. Тој смета дека мора да се работи на јакнење на локалната самоуправа и локалните капацитети за спречување на насилниот екстремизам, односно за превенција од него. Воедно, посочи тој, треба да се работи и локалната полиција да биде доволно обучена за да може да ги следи процесите на радикализација и насилен екстремизам и самата на локално ниво да може да одговори на предизвиците за нивно спречување. Апостолски се осврна и на важната улога на невладиниот сектор во овој процес, но и на важноста да се изгради систем на однос со медиумите заради навремено и точно информирање за сите настани, бидејќи, како што рече, пласирањето на неточни или делумно точни информации кои се однесуваат на насилниот екстремизам и борбата против тероризмот, претставува проблем. - Добиваме многу обуки, но сами за себе не значат ништо, доколку не соодветствуваат со потребите во институциите во кои се даваат. Специјализираните обуки се вистинските  што треба да ги бараме при реализација на ваквите проекти. Кога ги праќаме луѓето од институциите, треба да праќаме вистински луѓе, да имаат почетна основа обука и да имаат континуитет во нивниот професионален развој, за да може подоцна да се вклучуваат во понапредни обуки, порача Апостолски на потпишувањето на Меморандумот, кој произлегува од ИПА проектот „Зајакнување на капацитетите за превенција/спречување на насилен екстремизам и борба против тероризмот“, финансиран од Европската Унија. Националниот координатор за спречување на насилниот екстремизам и борба против тероризмот се осврна и на тоа дека со војната во Украина социјалните мрежи повторно одат дури дотаму да агитираат одредени граѓани се вклучуваат во воените дејствија. - Меѓутоа последиците од воените дејствија и вклучувањето на нашите граѓани во вакви воени конфликти се видливи во блиско минато, кога од боиштата во Сирија и во Ирак ние сега примаме странски терористички борци и обврските и трошоците се на државата за да ги решава проблемите на нивна ресоцијализација и реинтеграција, рече Апостолски. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски оцени дека овој денешен чин на потпишување на Меморандумот треба да се разбере како промоција на уште еден механизам што треба уште повеќе да го подигне нивото на безбедност и заштита, превенирајќи го ширењето на радикализмот што, пак, ги продуцира говорот на омраза, нетолерантноста и шовинизмот. Сиот тој корпус на закани по безбедноста и сигурноста, како што рече, лежи во основата на екстремистичкото делување. - Овој Меморандум, чии потписници се безбедносни институции, но и институции како Агенцијата за спорт и млади или институции од областа на телекомуникациските услуги, ќе ни овозможи дополнителни изгледи за ефикасно, брзо детектирање, таргетирање и дејствување, примарно во насока на превенција, но секако и во насока на конкретно спроведување на законот, при појава на радикализмот кој форсира девијатно незаконско однесување, рече министерот Спасовски. Тој потенцира дека МВР работи посветено и одговорно како и досега, особено во изминативе неколку години, како што тоа го покажува и практиката и ќе ги прифати и реализира обврските од овој документ. Заменик министерот за одбрана Башким Хасани во обраќањето истакна дека насилните екстремисти и терористи веќе подолго време го користат интернетот како алатка за комуникација или соработка и секако за убедување, радикализација и регрутација на нови членови. - Во нашата држава нема место за екстремизам и фундаментализам, нема место за идеологии кои промовираат насилство и конфликти и затоа чекорите што ги преземаме се во вистинска насока, беше дециден Хасани, кој додаде дека мора да бидеме ефикасни, прагматични и да создадеме ресурси и капацитети што ќе ни помагаат да се бориме со овие штетни влијанија. Тој најави дека ќе работат на превенција, но и на следењето и мониторинг на интернет просторот. Хасани порача дека сите активности се возможни само ако не се прекине со надградување и развој на кадарот и професионалците, будејќи како што технологиите се развиваат секојдневно, така треба да се развиваат и нашите способности. Заменик министерот  Хасани информира дека Министерството за одбрана соработува со НАТО агенциите, особено со НАТО Програмата за наука и мир. Според претставникот од Агенцијата за национална безбедност, нашата земја нема создадено ефикасни механизми, како противдејство на овој план, што се и дополнително отежнати и од спецификите на онлајн форматите, како поврзаност, анонимност, недостапност и диверзитет. Тој наведе дека интернетот стана доминантен медиуми на екстремните, радикалните и терористички групи, а нивните онлајн активности се познати како е-тероризам. - Користењето на интернетот како пропаганда, индоктринација, финансирање, комуникација, собирање информации, регрутација и обука, води кон нови или развој на постоечките процеси на радикализација, кои во краен стадиум може да се ефектуираат во акти на тероризам. Оттука покрај спроведувањето на политичките цели на центрите на моќ, онлајн платформите се користат како пропагандна машинерија и оружје за водење војна за дезинформација, лажни вести, регрутација и радикализација на поединецот, појасни тој. Во последните години, наведе тој, онлајн форматите се користат и за групна радикализација во општеството. Станува збор, како што потенцира, за брза комплексна појава каде посебно ранлива категорија се млади лица, лесно подложни на манипулации. Поттикнати од политички, економски или културно-социолошки фактори, појаснуваше претставникот од АНБ, овие лица може да се самоидентификуваат со идеологиите на екстремните и радикалните структури. - Главен предизвик на надлежните безбедносни институции претставува преземањето комплексни мерки и активности за идентификување, контролирање и спречување на користење на онлајн форматите од страна на  екстремистичките радикални структури, како значаен сегмент во борбата против глобалниот тероризам, истакна тој. И претставникот од Агенцијата за разузнавање изрази убедување дека само преку соработка на надлежните страни може да се победи, а со посветена работа ќе се постигнат резултати и ќе се оди во прилог на заштита на националната безбедност. Во делот на превенцијата, наведе тој, особено важна улога ќе одигра усвојувањето на мерки и иницијативи за одговорно користење на интернет, укажување на опасноста на злоупотреба и користење на интернет за ширење на радикални и екстремистички ставови и пропаганди. Претставници на државни институции и компании, вклучени во процесот на спречување на радикализација преку интернет, денеска во Клубот на пратеници  потпишаа меморандум за соработка во борбата против радикализација преку интернет, кој произлегува од ИПА проектот „Зајакнување на капацитетите за превенција/спречување на насилен екстремизам и борба против тероризмот“, финансиран од Европската Унија. Документот го потпишаа од претставници на Владата, министерствата за внатрешни работи и за одбрана, агенциите за национална безбедност и за разузнавање, Агенцијата за млади и спорт, Македонска академска истражувачка мрежа, Комората на Република Северна Македонија за приватно обезбедување, Македонски Телеком и А1 Македонија ДООЕЛ Скопје. цр/сп/

Остани поврзан