Би-Би-Си: Бунтовниците од Конго прогласија прекин на огнот од хуманитарни причини
- Сојузот на бунтовнички групи на истокот на Демократска Република Конго (ДРК) објави едностран прекин на огнот што почнува денеска.

Киншаса, 4 февруари 2025 (МИА) - Сојузот на бунтовнички групи на истокот на Демократска Република Конго (ДРК) објави едностран прекин на огнот што почнува денеска.
Во соопштението, Сојузот, која ги вклучува и бунтовниците М23, ги наведе „хуманитарните причини“ како основа за прекин на огнот откако тие зазедоа територија во источните делови на земјата, јави Би-Би-Си.
Според податоците на ОН, најмалку 900 луѓе се убиени, а 2.880 се повредени во најновите борби во и околу Гома, најголемиот источен град во Демократска Република Конго.
Бунтовниците ја зазедоа Гома, предизвикувајќи осуда од Г7 и ЕУ, кои ја нарекоа офанзивата „повреда на суверенитетот на ДР Конго“.
Бунтовничката алијанса, позната како „Сојузот на реката Конго“, ја обвини армијата на Конго дека користи авиони за бомбардирање на областите што ги држи.
Во соопштението додаваат дека немаат намера да окупираат дополнителна територија и покрај претходните изјави и дека ќе останат на своите позиции.
Во текот на изминатите три години, регионалните борби раселија стотици илјади луѓе, а од почетокот на 2025 година, повеќе од 400.000 луѓе беа принудени да ги напуштат своите домови, според Агенцијата за бегалци на ОН.
Претседателот на Руанда Пол Кагаме изјави дека не знае дали војниците од неговата земја се присутни во Демократска Република Конго, но нагласи дека Руанда ќе направи се за да ја заштити својата безбедност.
Групите за човекови права бараат поголем притисок врз Руанда да се повлече од ДР Конго, додека министерот за комуникации на земјата ја повика меѓународната заедница да воведе санкции кон Руанда.
Претседателите на ДР Конго и Руанда во петок треба да присуствуваат на регионалниот мировен самит во Танзанија. паг/
Фото: МИА архива