• понеделник, 23 декември 2024

Kонцерт на џез триото „АУМ“ во Салон 19:19

Kонцерт на џез триото „АУМ“ во Салон 19:19

Скопје, 1 ноември 2024 (МИА) – Во Салон 19:19 вечерва од 20 часот ќе се одржи концерт на џез триото „АУМ“. 

Џез триото АУМ (AUM) е формирано во 2024 година. Со својата авторска музика ги исполнува и преминува стандардните рамки на фри џез, дум џез и современа класична музика. 

Како звук, зборот „АУМ“ е синоним за почетокот на Универзумот, за првиот космички звук од кој потекнува креацијата на нашата реалност. 

Триото АУМ со своите оригинални теми и слободни импровизации, создава уметничко искуство што ги спојува редот и хаосот, претставувајќи израз на неограничената креативност во музиката. 

Овој настап е планиран да биде снимен со аудио и видео, како би се продуцирал и издал и првиот албум на АУМ со име „АУМ - во живо, КИЦ 2024“.

Триото е составено од Благојче Томевски (кларинет и бас кларинет), Константин Хаџи Коцев (пијано) и Драган Теодосиев (тапани). 

Членовите на триото се дел од повеќе состави кои редовно настапуваат на концерти и фестивали, а зад себе имаат оставено многубројни ЦД изданија кои се високо рангирани на светски ранг листи.

Благојче, Драган и Константин се активни џез музичари на македонската и на европската сцена и често настапуваат на домашни и странски фестивали и концерти. Меѓу највлијателните се издвојуваат „Скопје Џез Фестивал“, „Пин Конференција“ и „MENT Ljubljana“ на кои настапуваат веќе неколку пати во различни состави. ар/сст/
Фото: АУМ

Остани поврзан