• понеделник, 23 декември 2024

„Escape Room“ - изложба на Бурџу Мусли во Мобилна/Монтажна галерија на ЦСУ

„Escape Room“ - изложба на Бурџу Мусли во Мобилна/Монтажна галерија на ЦСУ

Скопје, 28 октомври 2024 (МИА) - До 1 ноември во Мобилната/Монтажна галерија на Центарот за современи уметности (ЦСУ) е отворена изложбата „Escape Room“ на академската сликарка Бурџу Мусли од Скопје.

Мусли претставува нови дела создадени специјално за оваа изложба, проширувајќи го своето истражување за женскиот идентитет, перцепцијата на женската сексуалност и нејзиното разбирање во патријархалните општества.

-„Escape Room“ е манифестација на мојот интерес за комбинирање различни медиуми: дигитална фотографија, колаж, видео, инсталација и дизајн на облека преку кои раскажувам приказни за улогата на жените во општеството, особено во општества каде не може да се изрази сопствениот карактер. Со манипулација на слики и конструирани реалности во рамки на визуелниот приказ, како и во самиот изложбен простор, се прикажуваат многуте аспекти на женскиот идентитет. Темите што ги избирам често се длабоко поврзани со културата на жените од источните општества. Покрај современа трага, вклучувам фолклорни и ориентални симболи, спојувајќи ги традицијата и модерноста. Оваа двојност создава богата нарација, која одекнува со минатите и сегашните борби на жените во овие региони, вели Мусли.

Таа ја освои престижната награда ДЕНЕС и имаше можност да престојува еден месец во Сплит, Хрватска, каде одржа самостојна изложба во галеријата ПРОСТОР.  

Бурџу Мусли (Скопје, 1997) дипломирала сликарство на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Фокусирајќи се на теми како женската сексуалност, идентитетот и положбата на жените во репресивни општества, таа често инкорпорира елементи на моден дизајн, танц и сценографија во своите дела.

Изложбата беше отворена во четвртокот, на 24 октомври. мч/дма/

Фото: МИА

Остани поврзан