Вечер е Стара нова година, а утре Василица и Обрезание Господово
- Многу македонски семејства Василица ја празнуваат како домашна слава, а оние кои го носат името на Свети Василиј Велики, како Васил, Васко, Васе, Васка…, го слават својот именден. На семејната трпеза се крши погача со паричка, а се верува дека на оној што ќе му падне, годината ќе му биде среќна и бериќетна.

Скопје, 13 јануари 2024 (МИА) – Православните христијани кои се водат според Јулијанскиот календар вечер ќе ја пречекаат Православната нова година, која почнува утре на Василица.
Многу македонски семејства Василица ја празнуваат како домашна слава, а оние кои го носат името на Свети Василиј Велики, како Васил, Васко, Васе, Васка…, го слават својот именден. На семејната трпеза се крши погача со паричка, а се верува дека на оној што ќе му падне, годината ќе му биде среќна и бериќетна.
По повод православната нова година и празникот Обрезание Господово и Свети Василиј Велики, утре во храмовите на Македонската православна црква ќе биде служена света Василиева литургија.
Свети Василиј Велики е еден од тројцата најголеми црковни учители од четвртиот век. Родум бил од Кападокија, а завршил школо во Атина. Тој бил голем христијански филозоф, а се прославил и како епископ и заштитник на чистотата на православното учење. Свети Василиј Велики се упокоил на 14 јануари во 379 година.
Покрај Македонската православна црква, според Јулијанскиот календар, верските празници ги слават и Руската и Српската црква, Ерусалимската патријаршија и монасите на Света Гора. За разлика од нив, по Грегоријанскиот календар се водат Грчката, Бугарската, Романската, Украинската и Грузиската православна црква. са/дма/
Фото: МИА архива