Конференција „Централното банкарство во услови на постојани светски промени: поттикнување стабилност, иновации и издржливост“ (во живо)
Скопје, 24 март 2026 (МИА) - Конференцијата на тема „Централното банкарство во услови на постојани светски промени: поттикнување стабилност, иновации и издржливост“ се одржува денеска во Скопје во организација на Народна банка, со поддршка на Европскиот форум за европски пари и финансии (SUERF - The European Money and Finance Forum).
Конференцијата ќе ја отвори гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, а ќе се обратат и премиерот Христијан Мицкоски и генералниот секретар на СУЕРФ, Ернест Ган.
Во рамките на настанот ќе се одржат три панел-дискусии, на кои гувернери и високи претставници на централните банки и на меѓународните финансиски институции ќе разговараат за главните предизвици за централното банкарство во услови на зголемена светска неизвесност. Учесниците ќе зборуваат за макроекономските политики, искуствата од справувањето со светските економски шокови и улогата на економските политики во одржувањето на финансиската стабилност.
Првиот панел е посветен на темата „Зајакнување на стабилноста во услови на висока неизвесност: лекции за макроекономските политики“, а на него ќе се обратат гувернерот на Народната банка - Трајко Славески, министерката за финансии - Гордана Димитриеска-Кочоска, гувернерот на Хрватската национална банка - Борис Вујчиќ, гувернерот на Централната банка на Косово - Ахмет Исмаили, заменик-директорката на Одделот за фискални прашања при ММФ - Ера Дабла Норис, како и професорот за финансиска стабилност и директор на Школата за банкарство и финансии во Фиренца - Торстен Бек.

Вториот панел е на тема „Перспективите на дигитализацијата и иновациите: предизвици и можности за централните банки“, а на него ќе се обратат извршниот директор на ММФ - Јерун Клик, вицегувернерот на Банката на Словенија - Марко Пахор, раководителот на оддел во Генералниот директорат за дигитално евро на Дојче Бундесбанк - Хаике Винтер, раководителот на Иновативна и дигитална економија - Бис Џон Фрост, Урлих Биндсаул од ТУ Берлин, главниот советник на гуверенерот на Централната банка на Унгарија - Барнабас Вираг и главниот економист на Банката на Англија - Хју Пил.
Третиот панел е посветен на темата „Обезбедување долгорочна отпорност на финансиската стабилност: макропрудентни алатки, политики на интеракција и ризици поврзани со недвижности“, на кој ќе се обратат извршниот диреткор на Националната банка на Словачка - Раинер Мартин, генералната директорка на Одделот за макропрудентни политики и финансиска стабилност на Европската централна банка - Корнелија Холтхаусен, советничката на гувернерот на Народната банка - Милица Арнаудова-Стојановска и раководителот на Одделот за макропрудентна супервизија на Австриската централна банка - Штефан Шмитц.
- Настанот претставува уникатна можност за продлабочување на меѓународната соработка и размената на знаења, искуства и мислења меѓу гувернерите, претставници на централните банки, меѓународните финансиски институции и академската заедница. Темите ќе ги опфаќаат актуелните предизвици со кои се соочува централното банкарство и улогата на централните банки во обезбедувањето стабилен и отпорен финансиски систем во време на забрзани светски промени - посочуваат од Народната банка.
Фото:НБ