Џон Њуман и Бурак Јетер со Констракта на „Get EXITed“ во Струмица
- Во рамките на второто издание на фестивалот „Get EXITed“, на 7 септември во градскиот парк во Струмица ќе настапат продуцентот, пејач и диџеј Џон Њуман, турскиот продуцент Бурак Јетер и пејачката Констракта, а ќе бидат најавени и други уметници.
Скопје, 7 август 2023 (МИА) - Во рамките на второто издание на фестивалот „Get EXITed“, на 7 септември во градскиот парк во Струмица ќе настапат продуцентот, пејач и диџеј Џон Њуман, турскиот продуцент Бурак Јетер и пејачката Констракта, а ќе бидат најавени и други уметници.
Струмичкиот „Get EXITed“ го организира „ЕГЗИТ“ тимот во соработка со Општина Струмица, а влезот е слободен.
-На овој Егзитов спектакл, кој минатата година го посетија повеќе од 20.000 луѓе, ќе настапи мега-ѕвезда – единствениот Џон Њуман, кој со години суверено ја носи титулата поп и соул ѕвезда! Во Струмица пристигнува и творецот на најголемите светски хитови Бурак Јетер, кој на овогодишниот „ЕГЗИТ“ фестивал со спектакуларен настап до утро ги држеше разиграни десетиците илјади фанови пред Главната бина Горки Лист. Тие ѝ се придружуваат на неповторливата Констракта, а уште имиња ќе бидат објавени набргу, соопштија организаторите.
Џон Њуман (Јohn Newman), суверената поп/соул ѕвезда со преку 2,5 милијарди стримови и песни кои беа високо на светските топ листи во Струмица го носи својот специјален хибриден настап, во чии рамки ќе ги изведе своите најголеми хитови.
Зад себе има соработки со лидерите на музичкиот свет, меѓу кои се Дејвид Гета, Калвин Харис, Алесо, Рудиментал, Сигала, Најл Роџерс, Галантис и Кајго.
Со своите хитови, програмата ќе ја засили и Бурак Јетер (Burak Yeter), турскиот продуцент, хитмејкер и диџеј со речиси милијарда стримови само на „Јутјуб“.
Констракта беше првото најавено име на ова ново издание на „Get EXITed“ настанот, која стана препознатлива по песната „In Corpore Sano“. „In corpore sano“ е дел од проектот „Triptih“, во кој се и песните „Nobl“ и „Mekano“, а авторка на сите текстови е Констракта. Следуваше уште еден триптих – „Evo, obećavam“, кој ја потврди посебноста на Констракта и нејзиниот тим, како и високите визуелни и музички стандарди кои ги поставија, со испраќање на силни и освестувачки општествени пораки.
-Џон Њуман, Бурак Јетер и Констракта ќе донесат разновидност и квалитетен звук во прекрасниот струмички Градски парк, а уште имиња ќе бидат објавени наскоро! Влезот на овогодинешната грандиозна „Get EXITed“ журка е слободен, додека за заинтерсираните посетители кои имаат желба за ВИП секција, повеќе информации и детали има на овој линк, се наведува во соопштението на организаторите.бт/са/
Фото/ EXIT фото тим