• петок, 22 ноември 2024

Џевахир Мол Скопје вечерва ги отвора вратите за посетители

Џевахир Мол Скопје вечерва ги отвора вратите за посетители

Скопје, 29 март 2024 (МИА) – Под мотото „Аеродром пулсира“ вечерва  со забава во живо ќе биде отворен трговскиот центар Џевахир Мол Скопје кој најавува воведување на разновидни нови брендови и културни содржини, збогатувајќи го шопинг искуството и социјалната интеракција на посетителите. 

Со цел да се задоволат секојдневните потреби на потрошувачите, менаџментот воведува популарни турски брендови како „Панчо“ и „Луфиан“, како и изложбен салон за автомобили на „Гили“. Џевахир мол Скопје ќе биде домаќин и на првата „Concept Room“ галерија, наменета за локалните уметници.

Есер Џевахир, член на управниот одбор на Cevahir Holding, за МИА истакна дека Џевахир мол Скопје ќе прерасне во центар којшто со целиот свој капацитет не само што ќе ги задоволува потребите за секојдневниот живот, туку и ќе го модернизира животниот стил во градот.

- Џевахир Мол Скопје со својот капацитет и разновидните содржини целосно ќе го модернизира животниот стил во градот и притоа ќе одговори на потребите на граѓаните, од секаков аспект. Создавањето само на трговски центар не беше доволно само по себе, а современиот живот подразбира многу повеќе. Затоа Џевахир Мол е дел од целосен функционален концепт на домување и е дополнителна вредност на Аеродром и Скопје затоа што нуди многу повеќе од аспект на културни и социјални настани и развој на урбаната култура преку поддршка за младите уметници. Овој пристап го започнуваме со создавање на најголемиот мурал во градот исцртан на фасадата на Џевахир Мол Скопје, како уникатно обележје на градот, појаснува Џевахир.

Забавата почнува во 18 часот со поздравен говор на Хана Муминовиќ, директорка за продажба и изнајмување во компанијата „Турмак“ и проекција на документарен филм, а од 18:30 на главната бина ќе настапат DJ Mats, DNK, Таско и Лара и Пајк. Најмладите во исто време на малата сцена, ќе ги забавуваат Стела и Сани. бк/бак/

Фото: МИА архива

Остани поврзан