• петок, 05 декември 2025

Љутков: Потенцијалот на културата и креативната економија како движечка сила за одржлив економски развој

Љутков: Потенцијалот на културата и креативната економија како движечка сила за одржлив економски развој

Скопје, 28 мај 2025 (МИА) - Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска во Котор, Црна Гора, присуствувал и се обратил на првиот состанок на министрите за култура од Западен Балкан, во организација на Британскиот совет, а во партнерство со Министерството за култура на Црна Гора.

Како што соопштија од Министерството за култура, состанокот се одржал како дел од Берлинскиот процес 2025, чиј домаќин оваа година е Обединетото Кралство. Оваа денешна средба во Котор, Република Црна Гора, претставува прво вклучување на министрите за култура од Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес. 

- Во време кога економскиот раст се мери не само преку индустриска продукција, туку и преку културна длабочина и креативен капацитет, потребно е да ја препознаеме стратешката вредност на спојот меѓу културата и туризмот. Ваквите и слични собири мораме да ги користиме за сеопфатно да ја осмислиме нивната синергија како двигател на креативната економија – економија што расте од идеи, се храни со иновации и се темели на човечките вредности, истакнал на состанокот министерот Љутков.

Во соопштението се наведува дека состанокот бил уште една можност да се претстават досегашните постигнувања на министерствата во областа на културата, како и да се обезбеди платформа за унапредување на регионалната соработка и средби со клучни меѓународни партнери кои го поддржуваат економскиот раст преку културата и креативните индустрии. цр/са/

Фото: Министерство за култура

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан