• вторник, 05 ноември 2024

Љутков: Научните стојалишта на македонистите од светот се придонес во афирмацијата на македонскиот идентитет

Љутков: Научните стојалишта на македонистите од светот се придонес во афирмацијата на македонскиот идентитет

Скопје, 16 август 2024

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков во своето поздравно обраќање на  свеченото отворање на 57. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ во Охрид порача дека „континуираното повеќедецениско одржувањето на оваа школа е потврда за живиот научен интерес за македонскиот јазик како словенски јазик и дел од Балканскиот јазичен сојуз, за преокупацијата не само на лингвистиката туку и на научната мисла  воопшто, со неговите корени, историски, јазични и други аспекти“.

Тој додаде дека годинава, кога се чествува  големиот јубилеј 75 години од основањето на најстариот државен Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Семинарот кој се одржува во една од колевките на славјанството, во градот полн со духовна и културна симболика, древниот Охрид, ги одбележува и значајните јубилеи на великаните на македонската наука и култура: 150 години од раѓањето на македонскиот великан – филолог, кодификатор, етнограф и публицист Крсте Мисирков; 95 години од раѓањето на поетот, есеист и литературен критичар Гане Тодоровски и 90 години од раѓањето на неповторливиот поет, романописец и драмски автор Петре М. Андреевски.

„Овие дејци имале јасна визија и биле верни чувари на јазикот како врвно национално богатство и суштина на нашиот идентитет и култура. Затоа, чествувањето на овие јубилеи нека претставува поттик за доследно исполнување на светиот завет пред основоположниците на нашата национална култура, јазик и писменост“, рече министерот Љутков.

Поздравувајќи ги еминентните македонисти и слависти од земјата и од странство Љутков рече дека сфаќањето на јазикот како душа на народот, како на наша единствена татковина, и присуството на респектабилен број на учесници, несомнено претставува не само израз на нивниот научен интерес туку и на љубовта кон Република Македонија.

„Затоа, сакам да ги уверам сите дека стојалиштето за јазичните, идентитетските  и други важни теми на современото мултикултурно општество на секој објективен и непристрасен научник, раководен  исклучиво од  начелото на научната вистина е многу повредно од кое и да е друго стојалиште што се потпира врз арбитрирани политички, идеолошки или слични  аргументи“, рече министерот Зоран Љутков.

Тој изрази убедување дека тие ќе дадат значаен придонес кон изучувањето на македонскиот јазик, а со тоа и кон афирмацијата на нашата нација и националниот идентитет на Република Македонија како членка на меѓународната заедница.

На отворањето во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид се обратија и претседателката на државата, Гордана Силјановска Давкова, министерката за образование и наука Весна Јаневска,  ректорката на УКИМ, проф. д-р Билјана Ангелова и директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Кристина Николовска.

Министерство за култура и туризам 

___________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото: Министерство за култура и туризам

Остани поврзан