• петок, 22 ноември 2024

Јовески: Да не се користат случаите како „Онкологија“, „Ласкарци“ и „Беса транс“ за собирање политички поени

Јовески: Да не се користат случаите како „Онкологија“, „Ласкарци“ и „Беса транс“ за собирање политички поени

Скопје, 13 октомври 2023 (МИА) - Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески денеска, од собраниската Комисија за финансирање и буџет, апелира пратениците да не ги користат „Онкологија“, „Ласкарци“ и „Беса транс“ за добивање политички поени зашто ваквите случаи, како што напомена, се тешки и никој не треба да си игра со чувствата на граѓаните.

Според Јовески, мора да се разграничи дека Јавното обвинителство е орган на кривичен прогон, а не инспекторат или некаков ревизор. Обивнителството, потенцира Јовески, е одговорно во оној момент кога ќе има кривично дело и кога ќе има стортиел на тоа кривично дело. 

Тој ги поздрави иницијативите на пратениците од различните пратенички групи за расчистување на случајот „Онкологија“.

-Навистина е тешко да се игра со чувствата на семејствата на погинатите во последните незгоди, „Ласкарци“ и „Беса транс“. Обвинителството ја заврши истрагата за случајот „Ласкарци“ пред да поминат шест месеци и поднесе соодветно обвинение до Судот. Дојдете во Обвинителството, тоа ќе ви го документирам. Во делот на „Беса транс“ исто така, Обвинителството има поднесено обивнинение кое е во надлежност на судска постапка и оттука, апелирам, сите овие случаи се тешки, да не си играме со чувствата на граѓаните заради добивање или губење одредени политички поени, истакна Јовески, одговорајќи му на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Петар Ристески.

Јовески нагласи дека го причитал ревизорскиот извештај за Клиниката за онкологија во кој се констатирани неправилности во работењето на Клиниката.

-Тој извештај што ми го понудивте го имам и сум го прочитал, ама изгледа вие не сте го прочитале или не сте го разбрале. Обвинителството ниту е инспекција, ниту е орган надлежен да ги исправа тие работи. Обвинителството е орган на кривичен прогон и ако имало таму одредени неправилности, а имало, за тоа не е одговорно Обвинителството. Обвинителството е одговорно во оној момент кога  ќе има кривично дело и кога ќе има стортиел на тоа кривично дело. Апсолутно немојте да ми сатавате на товар дека јас го толерирам криминалот. Најмалку вие можете да ми зборувате за тоа зашто јас дојдов на нефункциоинално Обвинителство кога ме избра ова Собрание за јавен обвинител. Да функционираше тоа Обвинителство немаше паралено да се направи друго. Вас ве боли зашто Обвинителството работи. Се ова што го зборувавте, го зборувате против себе. Во однос на извештајот на Државниот завод за ревизија, што преземавте вие како Собрание за да ги корегирате тие состојби? Колку ги изменивте законите во тој дел? Кој може да изврши политички притисок, политички притисок се врши со измена на законите. Менувајте ги законите на подобро. Задржете се на тоа, прашањата што ги упатувате до мене да се однесуваат во рамки на надлежностите на ЈО кое е орган на кривичен прогон, а не орган за санкционирање одредени неправилности. За тоа постојат инспекции, ревизијата укажува,..., рече Јовески.

Претходно пратеникот Ристески обвини дека Обвинителството за „Онкологија“ реагирало по допрен глас од медиумите, многу покасно од објавувањето на ревизорскиот извештај кој констатирал неправилности во работењето на оваа Клиника. Тој го праша Јовески дали поради тоа не чувствува морална одговорност.

-Требаше да си ја завршите работата на време. Зошто досега нема разрешница? Ме интересира и ве прашувам, со оглед дека ревизорскиот извештај е завршен во март и истакнат во април. Зошто никој од ЈО не го прочитал и не увидел потреба дека по него треба да се постапува, а во многу делови е утврдено работење спротивно по закон на Клиниката за онкологија. Дали чувствувате одговорност? Сте дозволиле да постапите по јавно допрен глас од медиумите, а ревизорскиот извештај е од април. Дали ако медиумите не ја извадеа работата, таа и натаму ќе течеше и пациентите ќе беа лекувани со вода? Власта го продуцира овој криминал, а вие со толеранцијата на криминалот дозволувате да бидете ангел чувар на криминалците во државата, рече Ристески.

Според него, за скандалот на „Онкологија“ мора да има политичка, морална и кривична одговорност.

-Не знаеме колку луѓе ги загбуле животите поради злосторничко здружување. Онкологија само покажува дека системот е во колапс. Досега требаше да има разрешница зашто тоа ви е работа, требаше да си ја завршите работата зашто сте платен за тоа, а поминаа месеци и гледаме дека вие не реагирате, рече Ристески.

Во секој момент се очекува да почне попладневното продолжение на собраниската Комисија за финансирање и буџет на чиј дневен ред е ревизорскиот извштај за „Онкологија“. мч/аа/

фото: принт скрин

Остани поврзан