• сабота, 12 октомври 2024

Јаневска: МОН со закон ќе го официјализира дуалното образование

Јаневска: МОН со закон ќе го официјализира дуалното образование

Скопје, 5 септември 2024 (МИА) – Министерството за образование и наука (МОН) преку нов закон ќе го официјализира дуалното образование во системот на средно образование, кое досега функционираше на база на добра волја, потврди денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска.

-Правиме комплетно нов закон во комплетна и континуирана комуникација со Стопанската комора. Во него ќе се регулираат односите меѓу училиштата и бизнис секторот и ќе овозможиме да добие легална форма која досега била на добра волја, а ја водела Стопанската комора. Станува збор за концептот на дуално образование кој повеќе години се развива во нашата држава и кој  подготвува генерации на ученици со квалитетно образование за да излезат на пазарот на труд, но исто така доколку сакаат да го продолжат својот образовен процес, рече министерката Јаневска при денешната посета на компанијата „КАЗ груп“ во Скопје каде трета година се спроведува дуално образование за учениците од СУГС „Владо Тасевски“ Скопје во соработка со Стопанската комора и Швајцарската амбасада .

Како што појасни, концептот опфаќа работа на учениците во компаниите, односно на работното место.

-Тоа значи дека бизнис секторот претставува наш партнер за што јас навистина му благодарам многу, но секако бескрајно благодарам на Швајцарија и швајцарската амбасадорка без која овој проект немаше да биде таков каков што денес е. Со заеднички сили бизнисот, амбасадорката, но и ние како Министерство, успеавме да привлечеме многу ученици и да го смениме мислењето дека средно стручно образование нема иднина или дека можеби е помалку вредно од гимназиското, рече Јаневска.

Годинава, како што нагласи, од вкупно запишани 17 илјади ученици во средно образование, дури 12 илјади се запишани во средно стручно образование, а има 62 училишта со дуално образование во кои во прва година се запишани четири илјади ученици.

-МОН дава дополнителен придонес и ги стипендира децата кои ќе се запишат во дуално образование за да продолжиме со учење преку работа и за да ги подобриме нашите компании со нивното присуство тука на нашиот пазар. Ова образование им дава можност да се најдат и на поширокиот пазар во странство, но поентата е дека нас ни недостасуваат стручни работници и компаниите во кои го спроведуваме ова стручно образование голем процент од нив ги задржуваат. Тоа е еден од механизмите младите луѓе да  можат да најдат работа во сопствената држава и тука да останат и да работат и живеат, а не да увезуваме работници, истакна Јаневска.

Швајцарската амбасадорка Вероник Улман посочи дека ги поддржуваат реформите во стручното образование во земјава, со цел, како што рече, младите луѓе да добијат достојни работни места, а приватниот сектор да добие висококвалитетна работна сила. 

-Ова е исклучително важно. Во моите разговори со директорката на КАЗ груп токму тоа и таа го нагласи дека им се потребни високи вештини, нешто што е навистина важно за во иднина. Швајцарија веќе има ваков систем на дуално стручно образование, нешто што е важно да одговора на потребите на приватниот сектор. Ние би сакале да ги пренесеме нашите искуства, нашите позитивни практики и лекции за развој на стручното образование прилагодени на вашите потреби, а не да го пресликаме швајцарскиот модел, рече Улман.

Ја потенцира важноста на заедничките напори, на приватниот сектор, на институциите за стручно образование и на МОН заедно со приватниот сектор. 

-Швајцарската програма опфаќа 12 илјади студенти, околу 500 претпријатија. Ова партнерство помеѓу МОН, КАЗ груп и стручното образование, односно институциите е добар почеток. Секако државата треба да направи уште повеќе во иднина, меѓутоа сметам дека целото општество може сето ова да го гледа како една голема можност и посакувам натамошна соработка, посочи Улман.

Извршниот директор на Стопанската комора Антони Пешев посочи дека пред 15-ина години во комората почнале да размислуваат за сериозниот недостаток на работна сила во нашата индустрија.

-Единственото решение беше да почнеме да размислуваме како тој кадар да го произведуваме кај нас во државата. Ова што се случува денеска е само потврда дека сме биле на вистинскиот пат. Она што многу не радува е дека покрај поддршката која ја имаме од Швајцарија и од некои други држави кои посебно сакаат да ни помогнат да го воведеме овој систем после многу години, конечно имаме и одговор од Министерството за образование и наука кое е подготвено да го стави во рамките на закон, рече Пешев.

Во последниве пет години, како што кажа, од првичните 10, бројот на компании кои се вклучени во процесот на дуално образование се зголеми на 500. 

-Во изминатиот период направивме енормен напор да произведеме и луѓе подготвени да ги преземат децата во процесот на работа, така што имаме едуцирано повеќе од 1 300 ментори. Би сакал да продолжи ваквото образование за барем малку да пробаме да го стопираме одливот на работна сила што го имаме во државата, рече Пешев.

Посочи дека речиси 70 отсто од децата кои поминуваат низ процесот на дуалното образование остануваат на работа во земјава, нешто, што, како што кажа, во 2019 година беше поставено како неверојатна цел, а денеска се реализира. Во Швајцарија, како што истакна амбасадорката Улман, таа бројка е околу 75 отсто.

Анета Корупкина од КАЗ Груп рече дека е голема чест за нив, како единствена компанија за производство на водоводна опрема на Балканот што веќе трета година имаат соработка за дуално образование со Средното училиште „Владо Тасевски“, стекната преку Стопанската комора со поддршка на Швајцарската амбасада.

-Среќни сме што ќе имаме деца коишто не само ќе учат во училниците, ќе имаат можност практично да го пробаат она што го учат теоретски во училницата. Тоа е многу важно затоа што мислам дека на тој начин кога теоријата се спојува со праксата имаме постручен, подобар кадар којшто многу побрзо може да доаѓа до конкретни решенија. Се надевам на понатамошна соработка, на голема поддршка од МОН овој процес да продолжи, рече Корупкина.

Директорот на СУГС „Владо Тасевски“ Александар Сибиновски посочи дека процесот на изведување на практична настава кај работодавачи има позитивен бенефит како за училиштето и учениците, така  и за компаниите кои се дел од процесот.

-Учењето во училница ги подготвува нашите ученици да имаат предзнаење кога ќе дојдат во компаниите и можат веднаш со помош на ментор да се вклучат во производниот процес, рече Сибиновски.вј/лв/

Фото: МИА

Остани поврзан