• четврток, 19 декември 2024

Јавен повик за партиципација на високообразовните установи во CEEPUS-мрежите за академската 2025/2026

Јавен повик за партиципација на високообразовните установи во CEEPUS-мрежите за академската 2025/2026

Скопје, 16 октомври 2024 (МИА) - Централноевропската програма за размена  во областа на  универзитетски студии (CEEPUS-Central European  Exchange Program for University Studies)  објави јавен повик за партиципација на високообразовните установи во CEEPUS-мрежите за академската 2025/2026 година.

Република Северна Македонија како потписник на Договорот меѓу Албанија, Австрија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Чешка, Унгарија, Црна Гора, Полска, Молдавија, Романија, Србија, Словачка, Словенија  и Косово за промовирање на соработката во областа на високото образование во рамките на Централноевропската програма за размена во областа на универзитетските студии (CEEPUS IV - Central European Exchange Program for University Studies), им овозможува на високообразовните институции да партиципираат, како координатори или партнери во универзитетските мрежи од различни области.

-Согласно CEEPUS IV договорот има одредени промени. Имено, CEEPUS-мрежата треба да ја сочинуваат најмалку пет високообразовни установи од најмалку пет држави членки на CEEPUS-програмата, при што еден член ја има улогата на координатор на мрежата. Координаторите и партнерите на мрежите можат да бидат високообразовни установи и нивните придружни членки. Од академската 2024/2025 година еден професор со наставно знаење  може да координира само една мрежа, додека бројот на мрежите во кој еден професор со наставно знаење  може да ја има улогата на контакт лице ограничен е на четири академски мрежи, наведува МОН во објавениот повик.

Програмата има цел да промовира мобилност на студенти и наставен кадар и соработка и развивање заеднички програми што води до заеднички дипломи (Joint degree).

Поднесувањето пријави за вмрежување односно за учество во CEEPUS-мрежите е онлајн на официјалната платформа на CEEPUS-програмата:  www.ceepus.info

 Рокот за аплицирање е 30 ноември 2024. Во јавниот повик објавен од МОН се содржани повеќе информации за условите и начинот на аплицирање, потребната документација што треба да се приложи со електронската пријава, како и контакти од Националната CEEPUS-канцеларија за подетални информации. хс/дма/

Фото: www.ceepus.info

Остани поврзан