• сабота, 18 мај 2024

Ѕуо: Кина е посветена да работи со сите страни за да создаде безбедносна заедница

Ѕуо: Кина е посветена да работи со сите страни за да создаде безбедносна заедница

Скопје, 9 октомври 2023 (МИА) - Центарот за глобални промени на Филозофскиот факултет во Скопје и Албанскиот институт за изучување на глобализацијата од Тирана, денеска го одржаа форумот „Кина и Западниот Балкан: перспективи и изгледи во новата ера“, каде свои излагања имаа претставници од академската заедница, како и кинескиот амбасадор во земјава, Џанг Ѕуо.

Во својот говор, Ѕуо се осврна на односите на Кина со Западен Балкан за кои, како што рече, се на нова историска почетна точка и ја истакна предлог глобалната безбедносна иницијатива на кинескиот претседател Кси Џинпинг, со акцент за нов безбедносен концепт на заедничка, сеопфатна, кооперативна и одржлива безбедност, придржување кон дијалог наместо конфронтација и партнерство наместо сојуз. Кина е посветена да работи со сите страни, рече Ѕуо, за да создаде безбедносна заедница давајќи позитивен придонес во градењето на траен мир во светот и универзална безбедност.

-Денес, нашиот однос со земјите од Западен Балкан е стабилен, долготраен и плоден. Стоиме на нова историска почетна точка со сопствени извонредни карактеристики и широки развојни погледи. Кина продолжува со развојот на мир, водена од единство и соработка. Кина верува во еднаквост меѓу сите земји, големи и мали, и го почитува нивниот суверенитет и територијален интегритет додека се спротивставува на хегемонизмот и политиката на моќ, истакна Ѕуо.

Тој го истакна огромниот потенцијал за економска и трговска соработка меѓу двете страни и како што рече, Кина е посветена да работи со сите страни за да создаде поправедна глобална развојна заедница којашто ќе им користи на луѓето во сите земји.

-Претседателот Кси Џининг повика на глобална развојна иницијатива која го следи патот на заеднички развој и ја ревитализира Агендата на Обединетите нации за одржлив развој 2030 година. Промовираме мултилатерална соработка за поттикнување на регионалниот развој и просперитет. Кина и земјите од Западен Балкан комуницираат и тесно се координираат под мултилатералните механизми како Механизмот за соработка меѓу Кина и земјите од Централна и Источна Европа, градат консензус и активно учествуваат во иницијативата „Појас и пат“, рече Ѕуо и додаде дека Кина ја почитува различноста на светските цивилизации, промовира меѓусебно учење и ги охрабрува сите цивилизации да коегзистираат хармонично.

На денешната дискусија на тема „Кина и Западниот Балкан: перспективи и изгледи во новата ера“, се обрати и раководителката на Центарот за глобални промени на Филозофскиот факултет при УКИМ, Билјана Ванковска.

За да се изгради глобална заедница на споделување, според Ванковска значи да се бара отвореност, инклузивност, взаемна корист, еднаквост и правда. Таа додаде дека земјите од регионот треба да ги комбинираат наравите и другите вредности кои ги промовира Кина со оние на Европската унија.

-Сите овие работи можеме да ги најдеме и во европскиот наратив. Зошто само да не ги комбинирате наративите и другите вредности. Мотото на Европската унија е единство и различност, па што не е во ред кога Кина предлага заедничка иднина за човештвото. Тоа е, исто така, единство и различност на цивилизациите, на безбедносните особини, на развојните потреби, подвлече Ванковска. ра/бак/

Фото: МИА

Остани поврзан