• сабота, 21 декември 2024

Ѓурѓај: Резолуцијата усвоена од ФУЕН, доставена до албанските и меѓународните институции

Ѓурѓај: Резолуцијата усвоена од ФУЕН, доставена до албанските и меѓународните институции

Дебар, 8 октомври 2024 (МИА) - Резолуцијата усвоена од Федералната унија на европските националности ФУЕН, а поднесена од Македонското друштво „Илинден“-Тирана, доставена е до сите албански и меѓународни институции, а заради запознавање и до македонските.
Ова за МИА го потврди Никола Ѓурѓај, претседател на друштвото, додавајќи дека очекува албанските институции да преземат соодветни активности, а посебно внимание да посветат и меѓународните институции.

-Со Резолуција, од име на друштвото „Илинден“ и македонско национално малцинство во Република Албанија, меѓу другото, се бара од Владата на оваа земја, досегашното тело Комитетот за национални малцинства од консултативно тело на Владата да прерасне во Агенција за национални малцинства со посериозни и обврзувачки ингеренции за афирмација на националните малцинства во Република Албанија, рече Ѓурѓај.

Потсетува дека Комитетот за националните малцинства е формиран во 2004 година од страна на албанската Влада со задача да ја подобри заштитата на малцинствата во земјата, но додава, како што е утврдено во многу извештаи на меѓународни институции кои се занимаваат со правата на малцинствата, оваа институција е „подложна на политичко влијание, што резултира со негова целосна контрола од извршната власт и нејзина трансформација од тело за заштита на малцинствата, во тело штетно за дијалогот меѓу Владата и малцинствата“.

-Затоа, сметаме дека Комитетот за националните малцинства треба да биде независен и активен глас на малцинствата, со способност да учествува во дијалог со Владата за заштита и подобрување на правата на малцинствата во Република Албанија, а неговата работа да биде јавна и присутна во медиумите во државата, нагласува тој.

Резолуцијата едногласно беше усвоена на 68-от Конгрес што се одржа  во Хусум, Германија, кон крајот на минатиот месец, на кој учествува претставници од 105 организации-членки од 36 земји во Европа. вт/мд/

Фото: МД „Илинден“

 

 

Остани поврзан