Ѓорѓиевски најави отворање на нова градинка во Усје
- Градоначалникот на Општина, Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски кој попладнево беше дел од одбележувањето на 77-годишнината на детската градинка „Весели Цветови”, најави дека летово ќе се отвори нова
Скопје, 1 јуни 2022 (МИА) - Градоначалникот на Општина, Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски кој попладнево беше дел од одбележувањето на 77-годишнината на детската градинка „Весели Цветови”, најави дека летово ќе се отвори нова градинка во Усје.
На одбележување во паркот Шопен, со музичко-сценска програма се претставија дечињата од сите возрасни групи.
Директорката Станка Баџакова говореше за историјатот на оваа градинка која денес функционира со шест објекти, во кои денот го минуваат околу илјада дечиња. За поддршката и соработката, на градоначалникот Ѓорѓиески му додели благодарница, а тој најави дека Општина Кисела Вода, летово ќе отвори нова градинка во Усје.
- Летово под управа на „Весели Цветови” отвораме нова детска градинка во населбата Усје. Таму ќе се згрижат околу 70 деца, пред се, од тој дел на градот, односно од населбите Усје, Стаклара и Градинар. Воедно, градинката ќе овозможи и намалување на бројот на деца во постоечките градинки. Покажувањето на одговорност и грижа остануваат да бидат нашите главни постулати при управувањето со Општина Кисела Вода, а новите успешни страници од постоењето на ЈДГ „Весели Цветови“ ќе бидат реалност која ќе им ја овозможиме на нашите најмлади- истакна градоначалникот Ѓорѓиевски во своето обраќање пред присутните, истакна Ѓорѓиевски.
Покрај случувањата во паркот Шопен, 77-годишнината од постоењето на градинката „Весели Цветови” денеска се одбележа со низа настани, од кои дел се одвиваа и во Домот на култура „Билјана Беличанец”.
Таму, како што соопшти Општина Кисела Вода, биле промовирани прирачници изработени од вработените во градинките кои имаат за цел да им се помогне на дечињата да размислуваат, а родителите да станат активни чинители во поттикнување на севкупниот развој на нивните деца. мс/сп/