• петок, 22 ноември 2024

Ѓоргиевска на панел-дискусија „Ракот на кожата може да се види и доколку рано се забележи, може успешно да се лекува“

Ѓоргиевска на панел-дискусија  „Ракот на кожата може да се види и доколку рано се забележи, може успешно да се лекува“

Скопје, 20 јуни 2023 (МИА) - Сопругата на Претседателот на Република Северна Македонија, Елизабета Ѓоргиевска, денеска во Европската куќа во Скопје учествуваше на панел-дискусија насловена „Ракот на кожата може да се види и доколку рано се забележи, може успешно да се лекува“, како дел од кампањата за подигнување на јавната свест за превенција и рано откривање на меланом и други карциноми на кожа, ЕУРОМЕЛАНОМА.

Ѓоргиевска, како што информираат од Кабинетот на претседателот, потенцираше дека подигнувањето на свеста за ова заболување е исклучително важно бидејќи станува збор за алармантна појава.

-Се проценува дека ако продолжи истиов тренд на појава на случаи на меланом, до 2040 година ќе има 50 отсто повеќе нови случаи, така што, на годишно ниво ќе има околу половина милион случаи во светот што значи дека стапката на смртност ќе се зголеми за 68 проценти односно околу стотина илјади луѓе би го загубиле животот од меланом, истакна г-а Ѓоргиевска.

Сопругата на претседателот нагласи дека треба секојдневно да обрнеме внимание на нашата кожа бидејќи станува збор за исклучително малигно заболување, а особено значајни се раната самодетекција  и редовните дерматолошки прегледи.

-Треба да запамтиме дека кожата памти. Затоа да ја штитиме и ние кожата како што таа нè штити нас, истакна Ѓоргиевска.

На панелот учествуваа и амбасадорот Дејвид Гир, шеф на делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија, прим. д-р Зорица Зафировиќ,  дерматовенеролог, Универзитетска Клиника за дерматологијa - Скопје, претставник и координатор на ЕУРОМЕЛАНОМА во Северна Македонија, Филип Николовски, студент по медицина, Љупка Николовска, пациент со меланома и д-р Соња Граждани, основач на Клубот на млади лекари. дма/нд/

Фото: Кабинет на претседателот на РСМ

 

 

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан