Штипски „Стипион“ во добивка од над седум милиони денари
- Јавното претпријатие „ Стипион“-Штип кое е одговорно за одржување на улици и тротоари и наплата на паркинг места бележи добивка од над седум милиони денари. Ова според директорот, Игор Ефтим
Штип, 16 јуни 2022 (МИА) - Јавното претпријатие „ Стипион“-Штип кое е одговорно за одржување на улици и тротоари и наплата на паркинг места бележи добивка од над седум милиони денари. Ова според директорот, Игор Ефтимов се должи на проектите кои се работат во претпријатието, а благодетот од истите ги чувствуваат сите граѓани во Штип.
- Денес на точка на дневен ред на Советот на Општина Штип се усвојувањето на финансиските извештаи, кварталните на ЈП „Стипион“. Се работи за месеците јануари, февруари и март. Иако знаеме дека трошоците се драстично зголемени еве за пример, доколку сме плаќале 60.000 денари за електрична енергија сега плаќаме повеќе од 250.000 денари, за гориво сме плаќале 444 000 денари, сега имаме повеќе од милион денари. Но , со зголемување на ефикасноста на вработените и сработување на многу проекти можам да кажам дека сме повеќе од седум ипол милиони денари во добивка, вели Ефтимов.
Тој истакна дека во овој момент и покрај тоа што финансиските средства дозволуваат, потреба за нови вработени во претпријатието нема.
-Сите оние проекти кои ги видоа граѓаните на Општина Штип, значи оние спортско рекреативни центри, правењето на потпорни ѕидови, крпењето на ударни дупки сите оние работи кои беа сработени од страна на ЈП „Стипион“ се преточени во овој финансиски извештај и може да заклучиме, бидејќи со овие вработени го гледате финансискиот извештај сметаме дека нема потреба од дополнително вработување на нови лица, додаде Ефтимов.вдј/свс/