• понеделник, 15 јули 2024

Штипските средношколци од тригодишната угостителско-туристичка струка дополнителната четврта година ќе ја завршат редовно

Штипските средношколци од тригодишната угостителско-туристичка струка дополнителната четврта година ќе ја завршат редовно
Штип, 29 септември 2022 (МИА) - Учениците од тригодишната угостителско-туристичка струка во Средното општинско училиште (СОУ) „Коле Нехтенин“ во Штип дополнителната четврта година ќе ја завршат со редовна настава. Со согласност од Министерството за образование и наука, како и Советот на Општина Штип, училиштето ќе формира паралелка со профил угостителски техничар. Директорката на СОУ „Коле Нехтенин“, Јованка Шалева, пред советниците во Советот на Општина Штип информираше  дека наставата оваа година ќе ја слушаат 11 ученици. - Ние од стручниот актив на оваа струка имавме иницијатива да направиме промена на хотелско-туристички техничар во профил угостителски техничар, којшто на пазарот на трудот е повеќе баран. Во меѓувреме, имавме и барање од родители нивните ученици, наместо вонредно, да изучуваат редовно четврта година. Од МОН, по една подолга процедура, ни беше одобрено ова барање, со тоа што оваа паралелка ја бараме само за оваа учебна година. Наредната година, доколку повторно има барање од ученици, ние повторно ќе ја поминеме оваа постапка, вели Шалева. Посочи дека професорите ќе реализираат настава волонтерски. Условот од МОН е за реализација на наставата во оваа паралелка да не се бара надомест за професорите, што за дел од советниците е досега нечуена одлука. -Имавме услов од МОН, дека ни одобруваат да ја формираме оваа паралелка, сега со 11 ученика, меѓутоа да не бараме финансии за оние наставници коишто ќе ја одржуваат наставата, додаде Шалева. Во училиштето „Коле Нехтенин“ во рамки на угостителско - туристичката струка се изучува образовниот профил келнер - готвач со тригодишно траење. Со завршувањето на тригодишното образование, досега учениците вонредно го изучуваа профилот хотелско - туристички техничар и на тој начин завршуваа четиригодишно образование. Одлуката за редовна настава е само за оваа учебна година. вдј/рп/

Остани поврзан