• сабота, 16 ноември 2024

Шест нови паркови и уредување на постоечките во Битола

Шест нови паркови и уредување на постоечките во Битола
Скопје, 18 мај 2020 (МИА) - Шест нови паркови, дополнителна комунална опрема, хортикултурно уредување и поставување на нови детски реквизити во Битола се дел од првата фаза на проектот „Еко офанзива“. До крајот на годината, како што истакна градоначалничката на Битола, Наташа Петровска општината ќе добие сосема поинаков изглед. - Ова е почеток на акцијата која годинава интензивно ќе се реализира, затоа што сиот узурпиран простор кој што го имавме во минатото, кој што беше нефункционален, оваа локална самоуправа е решена да го стави во поинаква функција, во функција на граѓаните. Шесте нови паркови се само почеток, а до крајот на годината ќе завршиме со поинаков изглед на опкружувањето на живеалиштата на нашите граѓани, рече Петровска. Јавното претпријатие „Комуналец“ е реализатор на проектот „Еко офанзива“. Директорот на „Комуналец“, Панде Богоевски посочи дека активностите на терен се одвиваат на различни локации, на територијата на целата општина. Вклучени се како што рече, нови содржини меѓу кои 20 детски композиции, а се опремуваат парковите и во руралните средини, како што е паркот во селото Кравари. - Како јавно претпријатие извршивме санација на голем дел од постоечките детски паркови во градот, но истовремено се одвоија и нови локации за паркови. Имаме соработка и со приватни компании, во случајов имаме донација на канделабри, со што паркот има прекрасен изглед и во вечерните часови. За реализацијата на оваа фаза од проектот се издвоени 3.000.000 денари, рече Богоевски. Проектот „Еко офанзива“ се изведува во рамките на програмата за уредување и обезбедување на нови зелени површини на територијата на Општина Битола. бт/сп/

Остани поврзан