• понеделник, 02 февруари 2026

Шекеринска - Тонин: Иницирана програма „Берово” за обука на 40 македонски пожарникари во Словенија

Шекеринска - Тонин: Иницирана програма „Берово” за обука на 40 македонски пожарникари во Словенија
Скопје, 4 ноември 2021 (МИА) - Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска на маргините на состанокот на министрите за одбрана од Југоисточна Европа имаше билатерална средба со словенечкиот колега, Матеј Тонин. На средбата е договорена програмата „Берово”, која ја покрена министерката Шекеринска и која е именувана според подрачјето кое беше најмногу погодено од пожарите, во чии рамки ќе се спроведе обука на 40 наши пожарникари во Словенија и на кои ќе им биде обезбедена и пожарникарска опрема. Обуката, би се одвивала во фази и ќе продолжи и во наредните години. Како што соопшти Министерството за одбрана, заблагодарувајќи се на прифатените идеи за соработка во кризниот менаџмент, министерката ја истакнала важноста на регионалната соработка. - Вашето учество на денешниот состанок освен што е важно за регионот, има и европска компонента, бидејќи Словенија е земја претседавач со Советот на ЕУ. Заедничките проекти што ги работиме, како што е програмата „Берово” се многу позначајни бидејќи се практична демонстрација на соработката, а не само потпишување документи, рече Шекеринска. Министерот Тонин посочи дека стратешката соработка ќе значи и експертска поддршка за која македонската страна треба да ги истакне потребите. - Ја имате нашата целосна поддршка и сега и во иднина како за зајакнување на кризниот менаџмент така и за европските аспирации. Можете секогаш да сметате на нашата поддршка, подвлече Тонин. На средбата станало збор за договорот за стратешка соработка кој е пред финализирање, учеството на Северна Македонија во словенечкиот контингент ва засиленото НАТО присуство во Летонија и за други прашања од одбранбената соработка на двете земји. мс/сп/

Остани поврзан