• понеделник, 23 декември 2024

Шведската амбасадорка Бенгтсон ги претстави приоритетите на претседавањето на Шведска со ОБСЕ во 2021

Шведската амбасадорка Бенгтсон ги претстави приоритетите на претседавањето на Шведска со ОБСЕ во 2021
Скопје, 25 јануари 2021 (МИА) - Амбасадорката на Шведска во земјава Кристин Форсгрен Бенгтсон денеска ги претстави програмата и приоритетите на Стокхолм за ОБСЕ за 2021 година, што беа презентирани од актуелниот претседавач, шведската министерка за надворешни работи Aн Линдe во Виена на 14 јануари, соопшти шведската Амбасада во Скопје. Во текот на целата година, како што се наведува во соопштението, во рамките на своето претседавање, Шведска ќе биде водена од неколку приоритети, како што се одбрана на европскиот безбедносен поредок, решавање на долготрајни конфликти и зајакнување на демократијата и родовата еднаквост. - Во рамки на претседавањето со ОБСЕ, Шведска ќе се фокусира на заедничките принципи и обврски, имено Хелсиншкиот завршен акт и Повелбата од Париз за нова Европа, кои ја сочинуваат основата на европскиот безбедносен поредок. Тие содржат елементи потребни за решавање на конфликтите и за избегнување идни кризи. Почитувањето на овие обврски е заедничка одговорност и е во интерес на сите земји-учеснички на ОБСЕ, рече амбасадорката Форсгрен Бенгтсон. Шефот на мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Клеменс Која изјави дека работата на Мисијата во поддршка на реформскиот процес во Северна Македонија, во приоритетните области како што се владеењето на правото, негувањето на социјалната кохезија, борбата против организираниот криминал, борбата против корупцијата, слободата на медиумите и родовата еднаквост, се целосно во согласност со приоритетите на шведското претседавање со Организацијата. нд/сп/

Остани поврзан